Како резултат на досегашната работа на т.н „Таск-форс“ (работна група!) направени се неколку документи за изработка на Национална стратегија за информатичко општество. Документите се достапни на http://www.mango.org.mk.
Ова се коментари и препораки на „Слободен софтвер Македонија“ за користење на слободен/отворен софтвер во секторите дефинирани како столбови во Нацрт-Стратегијата за развој на информатичко општество.
Мислиме дека во стратегијата треба да се истакне користењето на слободен/open-source софтвер, што впрочем е и дел од препораките на Европската комисија (според документот наведен во фуснота 6 на страна 48 од стратегијата, но и во други документи на Унијата). Поентите кои се особено важни и кои треба да се вклучат во стратегијата се објаснети подолу.
Потребата за користење на слободен/open-source софтвер во Е-влада произлегува од основните гаранции на правната држава:
- Слободен пристап на граѓаните до јавните информации;
- Трајност на јавните податоци;
- Безбедност за граѓаните и државата.
За да се гарантира слободниот пристап на граѓаните до јавните информации, неопходно е форматот во кој се чуваат податоците да не биде врзан за единствен снабдувач. Употребата на стандардни и отворени формати дава гаранција за овој слободен пристап, ако е потребно и преку креирање на компатибилен слободен софтвер.
За да се гарантира трајноста на јавните податоци, неопходно е корисноста и одржувањето на софтверот да не зависи од добрата волја на снабдувачите, или монополските услови кои тие ги наметнуваат. Заради овие причини на државата и требаат системи чиј развој може да биде гарантиран со достапноста на изворниот код.
За да се гарантира националната безбедност и безбедноста на државата, неопходно е таа да се потпира на системи без елементи кои дозволуваат контрола од трети лица, или несакана трансмисија на податоци до трети лица. Потребни се системи со код кој е јавно достапен за да биде возможна инспекција како од државата, така и од граѓаните и од други експерти. Ова ќе овозможи и поголема безбедност бидејќи познавањето на изворниот код ја елиминира можноста за таканаречен „шпионски код“.
Истовремено, со слободен/open-source софтвер се засилува безбедноста на граѓаните, и во нивната улога како легитимни сопственици на информациите со кои управува државата, и во нивната улога како корисници. Во вториот случај, слободниот/open-source софтвер ќе овозоможи широка достапност на софтвер кој нема „шпионски“ компоненти со што се заштитува приватноста и индивидуалните слободи.
Прашањата во врска со обезбедување на приватноста и безбедноста на податоците се особено важни за Е-Здравство и Е-граѓани. Ова нема потреба подетално да се објаснува.
Бидејќи, и како што се вели во самата стратегија, образованието и знаењето се основи на секој напредок на човештвото и се фундаментално право на секој човек, во делот Е-Образование треба да му се посвети посебно место на слободниот/open-source софтвер. Тука се важни неколку точки: финансиските придобивки, кои ќе ги објасниме подоцна, придобивките за самиот образовен процес, како и етичката/моралната димензија која произлегува од слободниот/open-source софтвер.
Придобивките за образовниот процес се повеќе од јасни. Слободниот/open-source софтвер им дозволува на учениците да научат како софтверот работи. Кога учениците ќе дојдат во своите тинејџерски денови, некои од нив ќе сакаат да научат се што може да се научи за нивниот компјутерски систем и неговиот софтвер. Таа е возраста кога луѓето кои ќе бидат добри програмери треба да учат. За да научат добро да пишуваат софтвер, учениците треба да читаат многу софтвер и да пишуваат многу софтвер. Тие треба да читаат и разберат вистински програми кои луѓето навистина ги користат. Тие ќе бидат мошне љубопитни да го читаат изворниот код на програмите кои тие ги користат.
Неслободниот софтвер, од друга страна, ја одбива нивната жед за знаење; тој вели: „Знаењето кое го сакате е тајно, учењето е забрането!“. Слободниот/open-source софтвер ги поттикнува сите да учат. Тој го одбива монополизирањето на знаењето. Учениците од било која возраст треба да се поттикнуваат да читаат изворен код и да учат колку што сакаат. Училиштата кои користат слободен/open-source софтвер ќе го поттикнат развојот на оние кои имаат дарба за работа со софтвер.
Училиштата имаат задача да ги научат учениците на основни факти и корисни вештини, но тоа не е нивната единствена задача. Најфундаменталната работа на училиштата е да ги научат луѓето да бидат добри граѓани и добри соседи: да соработуваат со другите на кои им е потребна помош. Во областа на компјутерите, ова значи образување за тоа дека софтверот треба да се споделува. Основните училиште, пред сите други, треба да им кажат на своите ученици: „Ако носите софтвер на училиште, мора да го споделите со другите деца.“
Секако училиштето мора да го практикува она што го учи: сиот софтвер инсталиран од училиштето треба да биде достапен за учениците да можат да го копираат, да го носат дома и да го редистрибуираат. Ова е етичката димензија. Со ова училиштата ќе ги учат учениците на начин на живот кој позитивно ќе придонесува во општеството.
Слободниот/open-source софтвер е поефтин. Ова е така бидејќи неговото производство и имплементација не зависи од единствен снабдувач и конкуренцијата која постои на пазарот овозможува формирање на ниски цени. Цените (трошоците) кои се плаќаат пак се однесуваат само на имплементацијата и одржувањето на системите, а не и на скапи лиценци. Оттука финансиските придобивки и заштеди за образованието кое скоро никогаш нема доволно пари се очигледни. Ова исто така важи и за сите корисници на буџетски средства кои ќе можат да остварат значителни заштеди.
Имплементацијата и одржувањето на слободен/open-source софтвер во сите овие (јавни) институции ќе значи развивање на домашна софтверска индустрија со што ќе се формираат и нови работни места, и потенцијално ќе се остварат и можности за креирање на извозно ориентирани сектори од кои придобивките за целото македонско општество ќе бидат значајни.
Конечно, законодавството кое треба да се однесува на користењето на софтвер во јавните служби, сервисите како Е-влада и сите сродни сервиси наведени во стратегијата, како и друга регулација, треба да пропишат стандарди за софтверот кој ќе се користи за овие цели. Овие стандарди треба да се однесуваат на контролата која ќе се има врз софтверот и форматите на податоците, при што особено внимание треба да се обрати на користење на отворени формати и софтвер со достапен код и нерестриктивни лиценци.
Сето ова е причина поради која мислиме дека Македонија не смее да си дозволи да го игнорира слободниот/open-source софтвер во стратегијата за развој на информатичко општество.
Конечно, ова не го измисливме ние - тоа е пракса низ целиот свет. Во европа слободниот/open-source софтвер е вклучен во развојната политика на унијата и на членките, а во некои земји целиот софтвер кој се користи во јавните институции мора да биде слободен/open-source софтвер (тоа не исклучува ниту една компанија да конкурира со својот софтвер на тие пазари, тоа само значи дека софтверот мора да ги задоволи критериумите тој да биде слободен, со отворен код и без рестриктивни лиценци за да смее се користи во јавните институции).
Стратегијата треба да го земе предвид и тоа што UNESCO го смета слободниот/open-source софтвер како светско културно наследство.