You are here

Од стара страница

Кoнцептот на слободен софтвер и Македонија

Во организација на Метаморфозис oд 14-ти до 16-ти ноември, 2003 година, во Охрид, се одржа работилницата на тема „Новинарите и предизвиците што ги носи информатичкото општество“.

Во склоп на работилницата предавање на тема „Концептот на слободен софтвер и Македонија“ одржа нашиот Данко Илиќ.

Презенатацијата (слајдовите) можете да ги превземете тука (PDF) и тука (OpenOffice Impress).

Mozilla Firebird на македонски

Mozilla Firebird е слободен, open-source и меѓу-платформски веб прелистувач за Windows, Linux, MacOS X и други оперативни системи. Тој е мал, брз и лесен за користење, и нуди многу предности во однос на другите веб прелистувачи, како на пр. прелистување со табови и способноста за блокирање на скокачките прозорци. Од пред извесно време тој е преведен целосно на македонски. Повеќе информации и врска за преземање ќе најдете на http://mozilla.com.

Покрај Mozilla Firebird, беше преведен и прилагоден клиентот за електронска пошта, Mozilla Thunderbird.

Известување до јавноста

Драги македонски медиуми: весници, телевизии, веб страници...

Слободен софтвер Македонија сака да го сврти Вашето внимание, како и вниманието на пошироката јавност кон активностите на Владата за легализирање на софтверот кој се користи во нејзините институции, вклучувајќи ги тука и образовните институции. Конкретно мислиме на договорот за стратегиско партнерство помеѓу Владата и Микрософт, кој беше најавен на Микрософтовата конференција „Визија“.

08.10.2003:
Уште една нова информација. Во делот Октомвриски докуметни може да ги најдете нашите коментари на изјавите на Владата околу наведениот договор и писмата кои ние до неа ги испраќаме, како и одговорите.

Незаинтересираноста на македонските медиуми (со чесни исклучоци: Дневник, ПцИнфо) за ова прашање е навистина загрижувачка. Ова не е прашање за задните страници. Ваквиот договор може серизоно да влијае на информатичкиот развој на земјава, на буџетското трошење, на безбедноста. Затоа, навистина, обратете внимание.

Слободен софтвер Македонија, исто така ја користи оваа прилика да ја повика Владата да го извади од тајност договорот и неговата содржина и целосно да ја информира јавноста за текот на преговорите и деталите околу договорот.

Во меѓувреме добивме писмо од Jon "maddog" Hall, извршен директор во Linux(R) International. Го добивме ова писмо како одговор на нашето барање за странска поддршка во напорите на Слободен софтвер Македонија за промовирање на слободниот софтвер во Македонија и поттикнување на владата кон користење на истиот во јавниот сектор, државните институции, образованието...
Целото обраќање на Jon "maddog" Hall на англиски јазик до, како што тој самиот вели, македонскиот народ, се наоѓа овде, додека превод на одредени, според нас, позначајни делови се наоѓа овде.

Ставот на Слободен софтвер Македонија е дека ваков „стратегиски договор“ помеѓу Владата и Микрософт ќе биде штетен за Република Македонија. Причините за ова се бројни, па да започнеме.

Уште на самиот почеток сакаме да истакнеме дека Слободен софтвер Макеоднија ја поддржува акцијата за легализирање на софтверот кој е во употреба, но смета дека ова не треба да се направи преку купување на лиценци од Микрософт. Слободен софтвер Македонија смета дека државните институции треба да користат слободен софтвер за својата работа.

Повторно, Слободен софтвер Македонија смета дека ваквиот договор ќе биде штетен за Македонија. Валидноста на нашите аргументи, пред се, потекнува од уставот на Република Македонија. Имено:

Член 16 став 3 од уставот на Р. Македонија вели дека:

„Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.“

Оттука за да се гарантира слободниот пристап до информациите, неопходно е енкодингот на податоците, начинот на кои тие се складираат, да не биде врзан само за една фирма која тоа го обезбедува. Гаранција за слободен пристап може да биде само користењето на стандарди и отворени формати.

Член 18 став 1 од Уставот на Р. Македонија вели дека:

„Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.“

За тие да не бидат компромитирани неопходно е користењето и одржувањето на софтверот да не зависи од добрата волја производителот, или од монополските услови наметнати од него. Затоа на државата и е потребен систем на развој на софтвер кој ќе гарантира пристап до софтверскиот код.

Понатаму тука е и прашањето на безбедноста. Системите со кои ќе располага владата мора да бидат достапни за инспекција како од владата, така и до јавноста и од независни експерти. Овие системи не смеат да бидат подложни на контрола наметната од страна, и не смеет да содржат така наречен „шпионски код“. Со употребата на системи кои ќе ги исполнуваат горните услови уште повеќе се зајакнува слободата на граѓаните, се заштитува нивната приватност, но и се зајакнува безбедноста на државата.

Бидејќи овие услови се диктирани од Уставот на Републиката, треба да провериме дали истите ги задоволува софтверот кој го продава корпорацијата Микрософт.

  • Прво, Микрософт продава proprietary (неслободен) софтвер. Исто така и форматите во кои Микрософтовиот софтвер ги складира информациите се исто така proprietary и тоа често се користи за попречување на конкуренцијата;
  • Второ, софтверот на Микрософт не доаѓа со својот код. Еден од ретките исклучоци на оваа Микрософтвова бизнис стратегија е Русија, каде со договорот дел од кодот и беше достапен на Владата. Се прашуваме дали истото ќе биде случај со нашата земја? Веруваме дека тоа нема да биде така;
  • И трето, недостапноста до кодот ќе значи дека нема да знаеме како софтверот работи и дали тој со својата работа на некој начин не ја загрозува безбедноста на државата. Големите секојдневни безбедносни проблеми на софтверот на Микрософт исто така треба да се земат предвид. Само во изминативе две недели два вируси кои ги нападнаа Микрософтвите производи нанесоа огромни штети.

Сега сакаме да го свртиме вниманието кон активностите на нашата Влада. Тука загрижувачки се неколку работи.

  • Прво, не можеме да разбереме зошто Владата сака да потпише договор со корпорација која од сојузните држави во САД и некои членки на ЕУ е обвинета за монополско однесување и е ставене под постојан надзор. Потпишувањето на договорот ќе значи дека македонските граѓани ќе станат заложници на уште еден монопол. Ќе можеме ли да се справиме со најмоќната компанија на светот? Способна ли е нашата влада да не заштити од злоупотреби?
  • Второ, купувањето на софтвер од Микрософт ќе ја чини Македонија огромна количина на пари. Овие пари ќе дојдат од буџетот, што значи дека крајниот товар на овој купо-продажен договор ќе го поднесат граѓаните на Македонија, даночните обврзници. И тоа во време кога македонската Влада гласно се залага за штедење.
  • Трето, не загрижува тоа што нема јавен тендер за купување на софтвер од страна на Владата. Купувањето на софтвер по ништо не се разликува од било која друга јавна набавка. Зошто е избран Микрософт a priori? Постојат и други софтверски фирми кои сигурно можат да дадат свои понуди.

Сакаме да и посочиме на Владата и дека голем број на земји кои имале договори со Микрософт сега ги раскинуваат или одбиваат да ги обноват, и се тоа во полаза на слободниот софтвер. Списокот на вакви земји е голем. Почнувајќи од Бразил и Перу, преку сојузните држави во САД, Кина и Индија, Германија и Португалија. На списокот се наоѓаат и Јужна Африка и Намибија, и соседна Бугарија кај која веќе гласно се зборува за Закон за користење на слободен софтвер во јавниот сектор. ЕУ во целост исто така размислува за ваков чекор. Причините поради кои овие земји се одлучуваат за користење слободен софтвер се поклопуваат. Намалување на трошоците, зголемување на безбедноста. Кај оние земји во развој пак, потребите се зголемување на вработеноста и поттикнување на IT развојот, како и оттргнување на образованието од заложништвото на неслободниот софтвер.

Причините поради кои Македонија во својот јавен сектор треба да користи слободен софтвер се исти како горните, тоа е неспроно.
Најексплоатираните новинарски и владини теми се вработеноста, штедењето, одливот на мозоци и економскиот раст. Употребата на слободниот софтвер ќе помогне сите овие да одат во позитивна насока. Влата ќе заштеди пари бидејќи TCO (Total Costs of Ownership) на слободниот софтвер се пониски од неговите неслободни конкуренти. Ќе има нови вработувања во IT секторот. Македонските фирми ќе имаат интерес да се бават со слободен софтвер и тоа ќе биде и причина повеќе за останување на македонските комјутерски експерти во Македонија - ќе има работа за нив. И секако ако парите од буџетот место во САД за лиценци завршат во Македонија за инвестиции, тоа позитивно ќе влијае на целокупната економска клима и ќе го поттикне еконосмкиот раст на земјава.

Да се обидеме да сумираме:

Слободата на софтверот е главното прашање. Софтверот кој го продава Микрософт е неслободен софтвер (proprietary). Тој софтвер доаѓа без својот изворен код и без правата да се копира, изменува и дистрибуира, и оттука делува негативно на можностите за развој и дифузија на техничко знаење. Во практиката ова ќе значи дека учениците кои ќе учат програмирање на неслободен софтвер, нема да можат да видат зошто софтверот се однесува така како што се однесува, и нема да можат да ги поправат проблемите кои може да настанат. Владините агенции ќе мора да чекаат на закрпи од Микрософт доколку се појават безбедносни проблеми. Ќе зависат од добрата волја на една корпорација.
Неспорно е дека неслободниот софтвер го запира информатичкиот развој на земјата и ја корумпира нејзината безбедност.

Од друга страна слободниот софтвер доаѓа со слободите да се копира, изменува и дистрибурира. Контролата е целосно во рацете на корисникот. Одговорноста е исто така негова, но кај него е можноста и сам да си ги реши проблемите кои настануваат. Кодот е достапен. Лиценцата под која се дистрибуира слободниот софтвер дава огромни права на корисникот. Онаа под која се дистрибуира софтверот на Микрософт во најголема мера ја заштитува корпорацијата. Споредба меѓу двете може да се најде овде http://www.cybersource.com.au/cyber/about/comparing_the_gpl_to_eula.pdf.

Обемна анализа на слободниот софтвер, неговите финансиски и безбедносни предности, како и користите за Македонија, предлог закон за кокристење на слободен софтвер во јавниот сектор и многу ресурси поврзани со ова прашање се наоѓаат на http://www.dwheeler.com/oss_fs_why.html. Прочитајте повеќе.

За Слободен софтвер Македонија

Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, распространување и развој на слободниот софтвер на територијата на Р. Македонија. Наша цел е постигнување прифаќање на слободниот софтвер и неговите концепции. Ги образуваме луѓето дека софтверот треба да биде слободен, и дека токму слободата е најважното прашање. Сметаме дека неслободниот софтвер е проблем кој треба да се реши, а не решение на некој проблем.

Страници

Subscribe to RSS - Од стара страница