Во организација на фондацијата „Метаморфозис“ и „Слободен софтвер Македонија“, а по повод љубовта кон мајчиниот јазик, викендот на 16, 17 и 18 Септември 2005, 54 часа нон-стоп, ќе трчаме маратон за локализација на слободен софтвер.
Маратон за локализација е собир на доброволци кои во краток временски период преведуваат определено парче слободен софтвер од англиски на мајчин јазик, во нашиот случај македонски јазик.
Целта на овоj маратон е целосно да се преведе на македонски јазик канцеларискиот пакет Опенофис.орг 2.0.
За повеќе информации и доколку сте заинтересирани да помогнете посетете ја страницата со пријава на учеството.
Ја увидуваме потребата од употреба на слободниот софтвер на сите нивоа, почнувајќи од високо образовните институции, невладините организации, преку големите, средните и малите компании па се до домашните корисници.
Имајќи ја во предвид економската ситуација во државата и високите цени за лиценцирање на оперативни системи и софтверски продукти, а водени од светските движења и искуства во сите развиени и неразвиени региони во светот, како и повеќекратните бенефиции од користење на софтвер на мајчин јазик се организира овој настан и Ве повикуваме и Вие да се приклучите.
Една од главните придобивки е дека се работи за софтверски пакет кој е слободен и издаден под LGPL лиценцата и сите кои сакаат да користат софтвер на македонски јазик ја имаат таа можност слободно и бесплатно.