Општи информации
Слободен софтвер Македонија (официјална кратенка 2С.мк) е непрофитна организација која се занимава со слободен софтвер во Р. Македонија. Слободен софтвер Македонија е посветена на промовирање на слободен софтвер и создавање на свест како за економскиот така и за социо-етички контекст на слободниот софтвер, особено за земјите во развој, како што е и Република Македонија.
Слободен софтвер Македонија е основана во Скопје, Р. Македонија во 2002 година. Таа е единствена невладина организација во земјата која се занимава со прашања од областа на слободен софтвер. Исто така, организација се занимава и со прашањата поврзани со отворените стандарди и слободната култура. Организацијата работи според статут базиран на шаблон издаден од Европската фондација за слободен софтвер, како и други документи и соодветна организациска поставеност.
Слободен софтвер Македонија е член на Алијансата за ODF и О'Рајли групата на корисицни на ГНУ/Линукс.
Можете да контактирате со организацијата за било кое прашање поврзано со слободен софтвер, слободна култура, отворени стандарди или други поврзани теми.
Работа
Дејствувањето на невладината организација е поделено на две различни области. Првата го опфаќа слободниот софтвер на ниво на техника, технологија и логистика. Втората област се занимава со применетета политика, социјалните и етички прашања поврзани со слободниот софтвер.
Од нејзиното основање, Слободен софтвер Македонија е влијателна организација одговорна за локализација на слободниот софтвер на македонски јазик, вклучително OpenOffice.org, производите на Mozilla, работните околини GNOME и KDE и други апликации. Исто така, оперативниот систем GNU/Linux е прилагоден да може да користи македонска кирилица, датуми, календари и валута. Неколку GNU/Linux дистрибуции како Ubuntu, Fedora, Red Hat, Mandriva исто така се локализирани на македонски јазик.
Повеќето од работата посветена на преводи и маратони за локализација, беше јавно промовирана на настани како Денот на слободен софтвер и редовните годишни фестивали за инсталација. Преведувачките маратони се манифестации каде многу луѓе се ангажираат на локализирање на една единствена апликација на слободен софтвер. Фестивалите за инсталација се настани на кои нови корисници обично ги носат своите компјутери, а веќе искусните корисници ќе им помогнат во инсталирање на GNU/Linux. Некои од таквите фестивали кои невладината организација ги организираше беа придружени со работилници и предавања за тоа како се користи слободен софтвер и каква е општествената корист.
На покана учествуваме и во активности кои ги организираат други организации:
Соработката со универзитетите во Скопје и Битола е воспоставена во форма на предавања за студентите на овие државни академски институции. Студентите на одделот новинарство и е-бизнис во Скопје и на Техничкиот факултет во Битола, секоја година ги посетуваат овие предавања. Работата во Битола ја врши локалната Група на корисници ГНУ/Линукс - Лугола.
Иницијативите за создавање свест во јавноста се исто така значаен дел од работата на невладината организација. Спроведуваме иницијативи во јавноста за можните негативни импликации од договорот за стратешко партнерство која Владата на Р. Македонија го потпиша со корпорацијата Мајкрософт. Истовремено ги следиме владините активности во имплементирање на е-владини решенија со пуштање на софтвер кој е задолжителен за употреба. Најновиот пример беше софтверска апликација од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што е спротивно на препораките од Националната стратегија за информатичко општество.
Светска слава постигнавме со нашата „Поплава од слободен софтвер“ во 2004 година.
Во 2007 година настанот организиран во Скопје по повод Денот на слободниот софтвер беше прогласен за еден од подобрите настани од страна на организацијата Software Freedom International.
Заедница
Целата заедница брои повеќе од 200 млади луѓе вработени во водечките македонски ИТ компании, студенти на универзитет и средношколци. Тие со голем ентузијазам го посветуваат своето време и енергија на промовирањето на слободен софтвер.
Заедницата комуницира на поштенската листа [ossm-members] и на каналот за IRC #lugola на серверот irc.freenode.net.
Помогнете ни!
Постојат различни начини да помогнтете и да придонесете во заедницата. Можете информирано и прецизно да пишувате и зборувате за слободниот софтвер и слободната култура, можете на пријателите да им инсталирате GNU/Linux, можете да се приклучите во некој од постоечките проекти или можете да донирате пари или други материјални средства (книги, компјутери и сл.) на Слободен софтвер Македонија.