You are here

Инсталационен фестивал

Идниот викенд на 23 април и 24 април на Електротехничкиот факултет во Скопје Слободен софтвер Македонија ќе организира Инсталационен фестивал.

Сакаме да им дадеме на компјутерските корисници во Македонија шанса да го испробаат ГНУ/Линукс бидејќи тој е одличен оперативен систем. Сакаме ваквиот собир да биде еден вид промоција и презентација која ќе ги избрка предрасудите што луѓето ги имаат за ГНУ/Линукс. Сакаме да придонесеме во користењето на легален софтвер. Сакаме да придонесеме во користењето на квалитетен софтвер.

Посетете ја www.slobodensoftver.org.mk/installfest/2005/ да ги прочитате сите информации како да дојдете и што да донесете.

Инсталфест e собир за инсталирање софтвер. На овој Инсталфест, ќе ви помогнеме да инсталирате ГНУ/Линукс на вашиот компјутер. Ако пак не сте заинтересирани да инсталирате ГНУ/Линукс, можете да дојдете и само да се информирате. Или можете да донесете систем со веќе инсталиран ГНУ/Линукс кој ви прави проблеми – ние ќе ви помогнеме да го средите.

Burn Fest е помалото братче на Инсталфестот. Ако сакате сами да си го средите компјутерот, тогаш можете да дојдете со празни дискови и да ги снимите најновите ГНУ/Линукс дистрибуции.

Присуството на настанот, како и целиот софтвер, е бесплатно.

ГНУ/Линукс е оперативен систем. Тој е брз, стабилен, безбеден и полн со можности. ГНУ/Линукс доаѓа со огромен број на апликации кој можете да ги користите во вашата секојдневна работа.

Најважната работа за ГНУ/Линукс е тоа што тој е слободен софтвер. Ова значи дека можете да го користите за било каква намена. Можете бесплатно да правите копии од софтверот и да им ги дадете на пријателите. Можете да го погледнете изворниот код на софтверот за да видите како тој работи или пак за да поправите некои грешки. Тоа се слободите кои доаѓаат со слободниот софтвер.