You are here

Заедница

Пролетен викенд со Слободен софтвер Македонија

Во сабота и недела (15 и 16 април 2006) во просториите на Народна техника од 11 до 21 часот ќе се одржи третиот инсталационен фестивал на Слободен софтвер Македонија. Овој пат, настанот ќе биде проширен со дополнителни активности. Покрај инсталирањето на слободен софтвер за посетителите ќе има и предавања, работилници, дискусии и многу повеќе...

Инсталационен фестивал е настан, на кој масовно се инсталира слободниот оперативен систем ГНУ/Линукс. Посетителите треба да дојдат со своите компјутери и таму ќе добијат стручна помош од искусни корисници за спроведување на инсталацијата. За повеќе информации посетете ја страницата за фестивалот.

Покрај инсталирањето на слободен софтвер, посетителите ќе можат слободно да копираат дискови со апликативен софтвер.

Во попладневните часови ќе има работилници за развој на веб апликации со употреба на слободни веб платформи, локализација на слободен софтвер и запознавање со работата на македонскиот тим на википедија, најпознатата слободна енциклопедија.

Во вечерните часови се планирани панел дискусии на тема слободниот софтвер и софтверските патенти, авторските права и интелектуалната сопственост и импликациите за секој граѓанин во информациското општество.

Настанот претставува промовирање на слободниот софтвер и градење на заедница на корисници и поддржувачи.

Народна техника се наоѓа на бул. "Партизански одреди" бр. 99, спроти Лептокарија. Влезот и услугите се бесплатни.

За Слободен софтвер Македонија: Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободен софтвер на територијата на Република Македонија. (http://.slobodensoftver.org.mk)

Настанот делумно е финансиски поддржан од Фондацијата Метаморфозис.
Благодарност до ПОГОН за логистичката поддршка.

Убунту за Македонија

Слободен софтвер Македонија со радост известува дека 1000 дискови со Убунту деновиве ќе се дистрибуираат низ Македонија. Дисковите ќе бидат достапни од 26.01.2005 во скопските книжарници: Табернакул, Три, Аз-буки, Мисла и Или-или. Сè што треба да направите за да добиете Убунту е да појдете во некоја од овие книжарници и да побарате копија Убунту. Се разбира, дисковите се бесплатни.

Во случај да не знаете каде се наоѓаат овие книжарници, мапа има овде. На овие места ќе можете да подигнете еден до два диска, па ако заради некои причини сакате повеќе, пишете ни на info_НА_slobodensoftver.org.mk. Исто така, известете не ако дисковите во некоја книжарница се потрошат. :)

Дискови со Убунту во Скопје има и во просториите на Елфаско на ЕТФ, и во фондацијата Метаморфозис. Дискови со Убунту ќе се дистрибуираат во Битола преку Лугола, на Универзитетот ЈИЕ во Тетово и на други места низ земјава. Доколку се прашувате дали и кај вас ќе има кој ќе дистрибуира дискови пишете на info_НА_slobodensoftver.org.mk и ќе ве известиме, а доколку нема (што е прилично веројатно) вие ќе може да се пријавите за таа работа. :)

Што е Убунту?

Убунту е ГНУ/Линукс дистрибуција базирана на Дебиан и намената за обичниот корисник. Убунту е стар афрички збор за „човечност кон другите“. Зборот го отелотворува духот на софтверот со отворен код: производство на софтвер кој ќе му користи на целото човештво. Повеќе информации за Убунту на http://www.ubuntu.com/.

GNU/Linux Install & Burn Fest

Слободен Софтвер Македонија организира инсталационен фестивал на кој ќе можете, со помош на искусни корисници, да инсталирате GNU/Linux на вашиот компјутер. Овој викенд (15.05 и 16.05) во Малата сала на Градско собрание.

Повеќе на страницата www.slobodensoftver.org.mk/installfest/2004/.

Install Fest e собир за инсталирање софтвер. На овој Install Fest, ќе ви помогнеме да инсталирате GNU/Linux на вашиот компјутер. Ако пак не сте заинтересирани да инсталирате GNU/Linux, можете да дојдете и само да се информирате или можете да донесете систем со веќе инсталиран GNU/Linux кој ви прави проблеми – ние ќе ви помогнеме да го средите.

Burn Fest е помалото братче на Install Fest-от. Ако сакате сами да си го средите компјутерот, тогаш можете да дојдете со празни дискови и да ги снимите најновите GNU/Linux дистрибуции.

Сакаме да им дадеме на компјутерските корисници во Македонија шанса да го испробаат GNU/Linux бидејќи тој е одличен оперативен систем. Сакаме ваквиот собир да биде еден вид промоција и презентација која ќе ги избрка предрасудите што луѓето ги имаат за GNU/Linux. Сакаме да придонесеме во користењето на легален софтвер. Сакаме да придонесеме во користењето на квалитетен софтвер.

Страници

Subscribe to RSS - Заедница