You are here

Пролетен викенд со Слободен софтвер Македонија

Во сабота и недела (15 и 16 април 2006) во просториите на Народна техника од 11 до 21 часот ќе се одржи третиот инсталационен фестивал на Слободен софтвер Македонија. Овој пат, настанот ќе биде проширен со дополнителни активности. Покрај инсталирањето на слободен софтвер за посетителите ќе има и предавања, работилници, дискусии и многу повеќе...

Инсталационен фестивал е настан, на кој масовно се инсталира слободниот оперативен систем ГНУ/Линукс. Посетителите треба да дојдат со своите компјутери и таму ќе добијат стручна помош од искусни корисници за спроведување на инсталацијата. За повеќе информации посетете ја страницата за фестивалот.

Покрај инсталирањето на слободен софтвер, посетителите ќе можат слободно да копираат дискови со апликативен софтвер.

Во попладневните часови ќе има работилници за развој на веб апликации со употреба на слободни веб платформи, локализација на слободен софтвер и запознавање со работата на македонскиот тим на википедија, најпознатата слободна енциклопедија.

Во вечерните часови се планирани панел дискусии на тема слободниот софтвер и софтверските патенти, авторските права и интелектуалната сопственост и импликациите за секој граѓанин во информациското општество.

Настанот претставува промовирање на слободниот софтвер и градење на заедница на корисници и поддржувачи.

Народна техника се наоѓа на бул. "Партизански одреди" бр. 99, спроти Лептокарија. Влезот и услугите се бесплатни.

За Слободен софтвер Македонија: Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободен софтвер на територијата на Република Македонија. (http://.slobodensoftver.org.mk)

Настанот делумно е финансиски поддржан од Фондацијата Метаморфозис.
Благодарност до ПОГОН за логистичката поддршка.