You are here

Локализација

Mozilla Firebird на македонски

Mozilla Firebird е слободен, open-source и меѓу-платформски веб прелистувач за Windows, Linux, MacOS X и други оперативни системи. Тој е мал, брз и лесен за користење, и нуди многу предности во однос на другите веб прелистувачи, како на пр. прелистување со табови и способноста за блокирање на скокачките прозорци. Од пред извесно време тој е преведен целосно на македонски. Повеќе информации и врска за преземање ќе најдете на http://mozilla.com.

Покрај Mozilla Firebird, беше преведен и прилагоден клиентот за електронска пошта, Mozilla Thunderbird.

По одржаниот маратон за локализација

Викендот 14 – 15 јуни – надвор во Скопје претопло, сјајното сонце во коалиција со топлиот асвалт правеа неподнослива слика. Во Акцент компјутери друга слика – во ладни простории во организација на Слободен софтвер Македонија се одржа маратон за локализација на слободен софтвер.

Повеќе информации има на: http://www.slobodensoftver.org.mk/maraton2003/ (на страницата ќе најдете и слики од маратонот).

Mаратонците ладени од климатизери и сокчиња, подржани со по некој сендвич на полувреме, во пријатна атмосфера под дејство на тивка музика отворија некоја датотека, ја растресоа тастатурата и ја зачуваа 100% преведената датотека на главниот компјутер. Сето тоа немаше да биде така сјајно без домаќините – Акцент компјутери кои дадоа се од себе да биде се прекрасно.

Главниот компјутер движен се разбира од GNU/Linux така константно беше напаѓан од повеќе од 50 преведувачи за на крај сепак да не се предаде и да останат над 30.000 преведени нови линии. Благодарност до сите учесници, навистина се покажавте – се надевам ќе се видиме и во некоја друга прилика.

Сепак меѓу маратонците се издвоија 5 -мина кои беа прогласени за најдобри или „Топ 5“ преведувачи со најмногу преведени зборови на маратонот. Да не ве држиме во неизвесност следи листата:

  1. Владислав Бидиков
  2. Миша Поповиќ
  3. Јован Костовски
  4. Марко Ивановски и
  5. Душко Вељановски

Сите набројани „Топ 5“ преведувачи како благодарност за покажаното ќе добијат уникатна маичка со прикажаниот мотив која ќе можат да ја подигнат било кој работен ден во фирмата Кодекс за дигитално печатење која се наоѓа во трговскиот центар Скопјанка одма до автобуската станца до подземниот премин од страната кога се оди накај Ново Лисиче.

Пофалба и до маратонците кои дојдоа и од другите градови на републикава за да дадат придонес на овој настан – Прилеп градот херој, покрај Тетово овој пат највеќе се покажа – се надевам за тоа придонесе нашата неодамна одржана презентација во тој град.

Сите преведени работи ќе бидат пратени за во иднина да се појават во официјалните програмски пакети. До тогаш поединечно ќе може да ги симнете од страниците:
http://mkde.sourceforge.net (KDE)
http://gnome.linux.net.mk/ (GNOME)

Погледнете ја и моменталната споредбена статистика за:
GNOME - http://developer.gnome.org/projects/gtp/status/gnome-2.4/index.html и
KDE - http://i18n.kde.org/stats/gui/KDE_3_1_BRANCH/index.php.

Датотека, Отвори, Зачувај

Во организација на Слободен софтвер Македонија, а по повод љубов кон мајчиниот јазик, по втор пат ќе се трча маратон за локализација на слободен софтвер.

Кога, каде?
Маратонот ќе се одржи викендот 14 – 15 јуни 2003 во просториите на Акцент компјутери кои се наоѓаат спроти фонтаната во градскиот парк.

Како да учествувам?
Сите потенцијални маратонци да ја посетат Интернет страницата каде ќе може да го пријават своето учество: http://www.slobodensoftver.org.mk/maraton2003/

Со што се занимава Слободен софтвер Македонија?

Слободен софтвер Македонија (www.slobodensoftver.org.mk) е непрофитабилна и невладина организација во Република Македонија која се занимава со унапредување, промовирање и распространување на слободен софтвер, и негова локализацијаи, како и третирање на развивањето на софтвер како научно истражување, слободно и јавно достапно во својот изворен облик! Тука пред сe го наведуваме GNU/Linux оперативниот систем и апликативениот софтвер како OpenOffice.org и Моzilla. Со својата работа, ОССМ активно учествува во развојот на Free Software/Open Source заедницата. Ние сме дел од таа заедница и директно ја претставуваме Република Македонија.

Зад организацијата се наоѓаат неколку реализирани проекти од кои како најголем ќе го наведеме претходниот маратон организиран во декември 2003 година на кој целосно е преведен канцеларискиот пакет OpenOffice.org на македонски (http://mk.openoffice.org).

Цели на маратонот за локализација на слободен софтвер

Слободен Софтвер Македонија ја увидува потребата од употеба на слободниот софтвер на сите нивоа, почнувајќи од високо образовните институции, преку големите, средните и малите компании па се до домашните корисници. Имајќи ја во предвид економската ситуација во државата и вискоките цени за лиценцирање на оперативни системи и софтверски продукти, а водени од светските движења и искуства во сите развиени и неразвиени региони во светот, Слободен Софтвер Македонија се одлучи на иницијатива за реализаирање на најголемиот проект во историјата на РМ кој се однесува за локализација на софтверски продукти. Имено, на 14 и 15 јуни 2003 со маратонска локализација ќе се локализираат следните софтверски продукти:

  1. KDE, работна околина на Linux платформа (www.kde.org);
  2. Gnome, работна околина на Linux платформа (www.gnome.org);
  3. Mozilla, програмски интернет пакет, на Linux и Windows platforma (www.mozilla.org).

Имајќи во предвид дека се работи за софтверски пакети кои се слободни за употреба, т.е. се издадени под GPL или некоја друга слободна лиценца, сите кои сакаат да користат софтвер на македонски јазик ќе ја имаат таа можност слободно и бесплатно.

Смени, термини и организација на работа

Потребни услови за учество се познавање на англискиот јазик и основна работа со компјутер.

Маратонот ќе се одржи викендот на 14 и 15 јуни 2003 година во просториите на Акцент компјутери (http://www.accent.com.mk), ќе трае два работни дена и ќе се одвива по 24 часа дневно. Преведувачите ќе бидат поделени во 3 групи и двата дена:

  • Првата група ќе работи од 8:00 - 16:00 часот;
  • Втората група ќе работи од 16:00 - 24:00 часот и;
  • Третата група (ноќна смена) ќе работи од 24:00 - 8:00, односно додека не заспијат, а бидејќи е маратон ќе мора да издржат што е можно повеќе :-).

Оптимално е секој да помине по една смена во сабота и една во недела. Обезбедени се пијалоци и храна за маратонците.

Придобивки

Иако сметаме дека не е неопходно да ја анализираме потребата од локализаирано софтверски производи, само на каратко ќе на споменеме дека бенифициите од овие пакети ќе бидат непроценливи од повеќе аспекти:

  1. Поради слободната лиценца сите институции, компании и поедници ќе можат слободно и бесплатно да ги користат овие пакети, што значи дека никој веќе нема да биде приморан да издвојува енормни суми за софтверски пакети кои во крајна линија и не се на македонски јазик.
  2. Имајќи во предвид дека пакетите се на македонски јазик, самата обука на голем број вработени ќе се намали од аспект на време-траење на истата, што повторно значи голема заштеда на време, човечки ресурси и секако материјални торошоци.
  3. Третиот сегмент кој можеби е најдолгорочен и најбитен за Република Македонија е можноста да се подигне бројот на корисници на компјутери во РМ, од простиот факт што многу корисници не се одлучуваат на користење на компјутер затоа што не знаат англиски јазик или се на возраст и со обврски, и материјално неспремни да посетуваат курсеви за англиски јазик за да можат да ги користат бенифициите на информатичкото општество.

Секако на вас доколку сеуште не сте го направиле тоа ви преостанува да го пријавите вашето учество. Ве очекуваме!

Страници

Subscribe to RSS - Локализација