You are here

По одржаниот маратон за локализација

Викендот 14 – 15 јуни – надвор во Скопје претопло, сјајното сонце во коалиција со топлиот асвалт правеа неподнослива слика. Во Акцент компјутери друга слика – во ладни простории во организација на Слободен софтвер Македонија се одржа маратон за локализација на слободен софтвер.

Повеќе информации има на: http://www.slobodensoftver.org.mk/maraton2003/ (на страницата ќе најдете и слики од маратонот).

Mаратонците ладени од климатизери и сокчиња, подржани со по некој сендвич на полувреме, во пријатна атмосфера под дејство на тивка музика отворија некоја датотека, ја растресоа тастатурата и ја зачуваа 100% преведената датотека на главниот компјутер. Сето тоа немаше да биде така сјајно без домаќините – Акцент компјутери кои дадоа се од себе да биде се прекрасно.

Главниот компјутер движен се разбира од GNU/Linux така константно беше напаѓан од повеќе од 50 преведувачи за на крај сепак да не се предаде и да останат над 30.000 преведени нови линии. Благодарност до сите учесници, навистина се покажавте – се надевам ќе се видиме и во некоја друга прилика.

Сепак меѓу маратонците се издвоија 5 -мина кои беа прогласени за најдобри или „Топ 5“ преведувачи со најмногу преведени зборови на маратонот. Да не ве држиме во неизвесност следи листата:

  1. Владислав Бидиков
  2. Миша Поповиќ
  3. Јован Костовски
  4. Марко Ивановски и
  5. Душко Вељановски

Сите набројани „Топ 5“ преведувачи како благодарност за покажаното ќе добијат уникатна маичка со прикажаниот мотив која ќе можат да ја подигнат било кој работен ден во фирмата Кодекс за дигитално печатење која се наоѓа во трговскиот центар Скопјанка одма до автобуската станца до подземниот премин од страната кога се оди накај Ново Лисиче.

Пофалба и до маратонците кои дојдоа и од другите градови на републикава за да дадат придонес на овој настан – Прилеп градот херој, покрај Тетово овој пат највеќе се покажа – се надевам за тоа придонесе нашата неодамна одржана презентација во тој град.

Сите преведени работи ќе бидат пратени за во иднина да се појават во официјалните програмски пакети. До тогаш поединечно ќе може да ги симнете од страниците:
http://mkde.sourceforge.net (KDE)
http://gnome.linux.net.mk/ (GNOME)

Погледнете ја и моменталната споредбена статистика за:
GNOME - http://developer.gnome.org/projects/gtp/status/gnome-2.4/index.html и
KDE - http://i18n.kde.org/stats/gui/KDE_3_1_BRANCH/index.php.