Ова се неколку забелешки за сите оние кои добиле известување дека нивната порачка со дискови Ubuntu е задржана на царина. Според македонските закони, поголеми количини од било која стока не можат да бидат внесени од никое било кое физичко лице. Во случајот со Ubuntu, не знаеме што точно значи тоа „поголеми количини“. Досега пратки од 20-тина дискови стигнувале без проблем.
Во случај да добиете некое известување дека вашата пратка е задржана на царина, тоа значи дека пратката е оценета како преголема за физичко лице, и за да ја добиете ќе треба во суштина да направите увоз на стока преку некое правно лице. За да се заврши целата постапка потоа потребен е документ од Ubuntu, т.е. Canonical кој ќе ја кажува цената на пратката. Тоа што дисковите ги добивате бесплатно не може да ве спаси од одредени давачки. Самата пратка има одредена вредност и тоа е пресудно за цариниците.
Ваков генерички документ има достапно овде (прочитајте ја и оваа страница за да имате појасна слика за процесот на испраќање дискови), а ако цариниците ви бараат нешто специфично, тогаш ќе мора да контактирате со некој од Ubuntu на адресата info@shipit.ubuntu.com.
Покрај овој документ ќе ви треба некое правно лице (фирма на тато, мама, пријатели и сл.) со дозвола за увоз кое ќе ја увезе стоката и шпедитер преку кој оди целата постапка. Шпедитерот има своја тарифа која мора да се плати - фактички тоа е плаќање за извршена услуга. Покрај ова плаќање плаќате и лежарина за стоката во царина: колку повеќе дена трае целата процедура, толку повеќе лежарина плаќате. Плаќате и ДДВ кој се пресметува како 18% од 0.26 евра по CD (оваа вредност ја пишува во документот погоре). Царина не се плаќа - софтверот само по себе е ослободен од царина. И веројатно има уште некоја такса.
Слободен софтвер Македонија увезе 1000 Ubuntu дискови на почетокот на 2005. Целата сума што ја плативме тогаш беше нешто повеќе од 12 000 денари. Ова нека биде ориентација за сумата што би требало да ја платите.
Овие информации ги објавуваме како резултат на разговор со Ардит Салиу од Госитвар чија пратка е задржана на царина и луѓето од пошта и царина кои беа доволно љубезни да објаснат зошто се задржуваат овие пратки. Додека бевме во царината препознавме прилично пакети со Ubuntu, па веројатно пратката на Ардит не е единствената која е задржана. Бидејќи Слободен софтвер Македонија нема финансиски ресурси да помогне во плаќањето на сите давачки за дисковите да влезат во земјава, оваа прилика ја користиме да ги повикаме сите можни добротвори да го сторат тоа во координација со оние луѓе кои нарачале поголеми количини дискови Ubuntu.
Конечно нашата препорака за во иднина, до сите кои сакаат да избегнат вакви проблеми, е да нарачуваат помали пакети, значи 15-20 дискови. Ако ви требаат поголеми количини секогаш можете да нарачате од името на комшија, дедо, баба, другари... дисковите така барем ќе стигнат во земјава.
Се надеваме дека овие информации ќе им бидат корисни на луѓето кои имаат намера да нарачаат Ubuntu или веќе го сториле тоа.