You are here

Софтвер

Заедничко соопштение на Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис

Сметајќи дека најавените обуки за компјутерска писменост за населението се во основа позитивен потег за развојот на информатичкото општество, Фондацијата Метаморфозис и НВО Слободен софтвер Македонија ја поттикнуваат Владата на РМ да овозможи право на избор за граѓаните, преку обуки за користење и на слободен софтвер.

Алтернативите од областа на слободниот софтвер, како Опен офис и Аби ворд, покрај тоа што овозможуваат вршење на истите канцелариски работи како софтверот најавен од Владата, ги нудат и следните јасни придобивки, особено во контекст на тековната економска состојба:

  • Слободно ширење, без потреба да се купуваат лиценци за користење;
  • Намалување на стапката на пиратство и криминализиција на корисниците на ИТ;
  • Користење формати за запис на документите базирани на отворени стандарди, овозможувајќи достапност на содржините без разлика на тековната технологија (ISO/IEC 26300:2006);
  • Можност за локализација и надградби на софтверот според сопствените потреби, без обврска за тоа право да се плати на било кој. Најважниот канцелариски слободен софтвер е веќе локализиран на македонски и албански јазик;
  • Оневозможување на создавање на зависност само од еден добавувач (vendor lock in), односно промоција на принципите на заштита на конкуренцијатаl;
  • Овозможува поседување, а не де факто изнајмување, на софтверот што се користи и службено и приватно;
  • Користењето на слободниот софтвер како јавно добро го препорачува и Националната стратегија за развој на информатичко општество, која со консензус во 2005 ја усвои Парламентот на РМ;
  • Европската комисија смета дека слободниот софтвер е клучен фактор за зголемување на конкурентноста и развојот на дигиталната индустрија во ЕУ (pdf).

Употребата на слободен софтвер исто така драстично ќе ја намали цената на компјутерите кои Владата објави дека ќе ги набави во рамките на проектот „компјутер за секој ученик“. Најпознатиот проект од таков вид на светско ниво „Еден лаптоп за секое дете“, користи исклучиво слободен софтвер оти само тоа одговара и на финансиските и на хардверските побарувања.

Граѓаните на Македонија покажуваат голем интерес за користење на слободниот софтвер. Најсвеж пример за тоа е поддршката што ја дадоа преку учество во покривање на трошоците за печатење на ЦД-то „Заврши си работа“, кое е дистрибуирано во вкупно 5.000 примероци.

Изберете легално - Изберете OpenOffice.org

Дали е вашиот канцелариски софтвер легален? Според бројките објавени од Мајкрософт, се смета дека 35% од софтверот во светот е фалсификат или на друг начин нелегален.

После години на неофицијално толерирање на пиратеријата како средство за освојување на пазарот, Мајкрософт сега оди во офанзива за да се обезбеди дека копиите на неговиот софтвер се легални.

  • Туку што купија софтверска компанија специјализирана за откривање и следење на софтверот кој е инсталиран на персоналните компјутери;
  • Користат интернет за да вметнат софтвер за откривање пиратерија во копиите на MS-Office во компјутерите на луѓето;
  • Низ целиот свет, Business Software Alliance изнаоѓа начини за прогон на прекршителите - на пример, во Велика Британија нудат големи суми пари како награда за секој кој ќе ги информира за такви организации;
  • Лиценцните договори на Мајкрософт се комплицирани - многу е лесно да ги прекршите без да сакате.

Ако имате копија на MS-Office на работа, училиште, дома - знаете ли точно од каде дошла?

За среќа, постои комплетно легална и слободна алтернатива. OpenOffice.org 2 е комплетен канцелариски пакет, сличен по функционалноста на MS-Office. OpenOffice.org 2 прави се што ви треба: обработка на текст, табеларни пресметки, презентации и многу повеќе. Може дури и да ги користи датотечните формати на MS-Office (.doc, .xls, .ppt), така што не морате да ја препишувате вашата работа. И уште повеќе, прави работи кои MS-Office не ги може, како што е креирање на pdf датотеки за комуникација со останатите.

Ако знаете да го користите MS-Office, знаете да го користите и OpenOffice.org 2. Истражувањата покажаа дека е десет пати поефтино да се префрлите на OpenOffice.org 2 отколку да го ажурирате канцеларискиот пакет на MS-Office 2007.

Една анкета покажа дека 86% од корисниците повеќе би сакале да го пробат OpenOffice.org 2 отколку да го купат MS-Office 2007.

Па тогаш што чекате? Ништо не ве чини да пробате. Ако ви се допаѓа, OpenOffice.org 2 нема да ве чини ништо да го користите колку што сакате и кога сакате. Изберете легално - изберете OpenOffice.org денеска!

Соопштение до медиумите за софтверот од ФПИОМ

Сиже: Клиентскиот софтвер за месечни пријави за придонеси за плати од ФПИОМ, кој законски задолжително мора да се користи за електронска достава на истите, ги принудува обврзниците да користат оперативен систем од еден понудувач.

Софтверот на ФПИОМ ги игнорира заложбите на Националната стратегија за информатичко општество

Прашањата за независност од софтверска платформа и достапност за сите се игнорирани при изработката на клиентскиот софтвер за МППП

(16.12.2005) Скопје, Р. Македонија - Според законските прописи кои ја регулираат пензиската реформа во Р. Македонија сите обврзници ќе мораат да доставуваат месечни пријави за придонеси за плати во електронски формат. За таа цел, обврзниците мора да користат софтверска алатка која ја снабдува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Понудениот софтвер работи само под оперативните системи Microsoft Windows. Како таков, тој ги дискриминира обврзниците кои не користат такви оперативни системи на своите персонални компјутери.

Ова е во спротивност со Националната стратегија за информатичко општество, документ кој го усвои и Собранието на Р. Македонија, каде на повеќе места се споменува „независност од софтверска платформа“ и „достапност за сите“, а кои се однесуваат на услугите кои ќе ги нудат државните институции. Во стратегијата стои заложба за промовирање на слободен софтвер, која во овој случај исто така се заобиколува.

Не треба да се заборави дека високи претставници на Владата тврдеа дека стратешкото партнерство со Microsoft нема да влијае на софтверот кој ќе се нуди за разни електронски услуги, т.е. дека граѓаните и фирмите нема да бидат принудувани да користат софтвер од одредени производители.

За повеќе информации, контактирајте ја Интернет канцеларијата на Слободен софтвер Македонија на http://slobodensoftver.org.mk и е-пошта info_НА_slobodensoftver.org.mk.

За Слободен софтвер Македонија: Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободен софтвер на територијата на Република Македонија.

Тука можете да го преземете и документот кој го испративме до Владата на Р. Македонија, Комисијата за информатичка технологија, Министерството за труд и социјална политика и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Страници

Subscribe to RSS - Софтвер