You are here

Организација

Насоки за работа со финансиските средства во Слободен софтвер Македонија

Овој документ дефинира како се одвива работата со финансиски средства во рамките на Слободен софтвер Македонија. Целта на овој документ е да ја постави работата со финански средства во Слободен софтвер Македонија на колку што е можно поздрави и поправични основи.

  1. Средствата од проектите на кои ќе работат членови и соработници на Слободен софтвер Македонија, а кои ќе бидат исплатени на жиро-сметката на Слободен софтвер Македонија се распределуваат според односот 20:80, т.е. 20% од средствата ѝ припаѓаат на Слободен софтвер Македонија, останатите 80% на луѓето кои работат на проектот. Сите членови и соработници, пред да започнат со работа на некој проект, треба да бидат известени за ова. За начинот на користењето на средствата кои остануваат во сопственост на Слободен софтвер Македонија одлучува Собранието на Слободен софтвер Македонија.
  2. Средствата од проектите кои ги води Слободен софтвер Македонија се користат исклучиво за спроведувањето на тие проекти.
  3. Средствата од донациите кои Слободен софтвер Македонија ги добива за специфични активности се користат само за наведената активност.
  4. За средствата од донациите кои Слободен софтвер Македонија ги добива како ненаменски одлучува Собранието на Слободен софтвер Македонија.
  5. Средствата прибрани од членарината на членовите се користат за дневните потреби на Слободен софтвер Македонија.
  6. Доколку се појави случај за кој што нема дефинирано насока во овој документ, за него одлучува Собранието на Слободен софтвер Македонија.

Забелешка: Овој документ го донесе собранието на Слободен софтвер Македонија на 03.11.2005 година во Скопје.

Манифест на Слободен софтвер Македонија

  1. Овој документ, креиран од членовите на Слободен софтвер Македонија, ги одразува верувањата и ставовите на Слободен софтвер Македонија и нејзините членови во работата со слободниот софтвер, како и односот на организацијата кон пошироката заедница и сите корисници на слободен софтвер. Слободен софтвер Македонија и нејзините членови никогаш нема да прекршат ниту една точка од овој манифест.
  2. Слободен софтвер Македонија и нејзините членови формираат непрофитна и невладина мрежа која сама по себе е дел од светска мрежа на луѓе со заеднички цели и визии. Она што нѐ дефинира е нашата заедничка работа и посветеност на слободата во сите аспекти на дигиталното општество.
  3. Ние сме целосно посветени промовирање и дистрибуција на слободнен софтвер (англиски Free Software), како што е дефиниран од проектот ГНУ (http://www.gnu.org) и Фондацијата за слободен софтвер (http://www.fsf.org) и нејзините сестрински организации како што е Европската фондација за слободен софтвер (http://www.fsfeurope.org). Со нашата работа ние придонесуваме во глобалната заедница на слободен софтвер и таму ја претставуваме нашата заедница и нашата земја.
  4. Ние силно веруваме во принципите на демократија, транспарентост, плурализам и конзистентност. Ние секогаш ќе бидеме отворени за соработка за сите прашања поврзани со слободниот софтвер. Секој ќе може да учествува во работата и да придонесува во активностите на Слободен софтвер Македонија. Ние секогаш работиме несебично и ги следиме потребите и мислењата на корисниците на слободнен софтвер и македонската заедница на слободен софтвер. Сите информации за нашата работа секогаш ќе бидат јавно достапни на нашите веб страници и други медиуми.
  5. Во нашата секојдневна работа ние користиме само слободен софтвер и работиме на промоција, развој и локализација на слободен софтвер. Ние ја поддржуваме заедницата на програмери, тестери, преведувачи и сите останати придонесувачи за слободниот софтвер со сите средства кои ни се и кои ќе ни бидат на располагање.
  6. Ние сме свесни за сѐ поголемата улога на софтверот и дигиталните медиуми во демократизацијата на општествата. Со слободниот софтвер моќта која ја добиваат поединците и организациите е уште поголема. Затоа ќе се посветиме на промовирање на идејата за слободниот софтвер. Секогаш ќе поддржуваме и предлагаме имплементација и користење на слободен софтвер и отворени формати како главни алатки за работа во сите сфери на општеството почнувајќи од употреба во домовите, преку образованието и културата, сѐ до науката и јавната администрација.

Забелешка: Овој документ го донесе собранието на Слободен софтвер Македонија на 03.11.2005 година во Скопје.

Страници

Subscribe to RSS - Организација