You are here

Манифест на Слободен софтвер Македонија

  1. Овој документ, креиран од членовите на Слободен софтвер Македонија, ги одразува верувањата и ставовите на Слободен софтвер Македонија и нејзините членови во работата со слободниот софтвер, како и односот на организацијата кон пошироката заедница и сите корисници на слободен софтвер. Слободен софтвер Македонија и нејзините членови никогаш нема да прекршат ниту една точка од овој манифест.
  2. Слободен софтвер Македонија и нејзините членови формираат непрофитна и невладина мрежа која сама по себе е дел од светска мрежа на луѓе со заеднички цели и визии. Она што нѐ дефинира е нашата заедничка работа и посветеност на слободата во сите аспекти на дигиталното општество.
  3. Ние сме целосно посветени промовирање и дистрибуција на слободнен софтвер (англиски Free Software), како што е дефиниран од проектот ГНУ (http://www.gnu.org) и Фондацијата за слободен софтвер (http://www.fsf.org) и нејзините сестрински организации како што е Европската фондација за слободен софтвер (http://www.fsfeurope.org). Со нашата работа ние придонесуваме во глобалната заедница на слободен софтвер и таму ја претставуваме нашата заедница и нашата земја.
  4. Ние силно веруваме во принципите на демократија, транспарентост, плурализам и конзистентност. Ние секогаш ќе бидеме отворени за соработка за сите прашања поврзани со слободниот софтвер. Секој ќе може да учествува во работата и да придонесува во активностите на Слободен софтвер Македонија. Ние секогаш работиме несебично и ги следиме потребите и мислењата на корисниците на слободнен софтвер и македонската заедница на слободен софтвер. Сите информации за нашата работа секогаш ќе бидат јавно достапни на нашите веб страници и други медиуми.
  5. Во нашата секојдневна работа ние користиме само слободен софтвер и работиме на промоција, развој и локализација на слободен софтвер. Ние ја поддржуваме заедницата на програмери, тестери, преведувачи и сите останати придонесувачи за слободниот софтвер со сите средства кои ни се и кои ќе ни бидат на располагање.
  6. Ние сме свесни за сѐ поголемата улога на софтверот и дигиталните медиуми во демократизацијата на општествата. Со слободниот софтвер моќта која ја добиваат поединците и организациите е уште поголема. Затоа ќе се посветиме на промовирање на идејата за слободниот софтвер. Секогаш ќе поддржуваме и предлагаме имплементација и користење на слободен софтвер и отворени формати како главни алатки за работа во сите сфери на општеството почнувајќи од употреба во домовите, преку образованието и културата, сѐ до науката и јавната администрација.

Забелешка: Овој документ го донесе собранието на Слободен софтвер Македонија на 03.11.2005 година во Скопје.