You are here

За нас

Error message

Deprecated function: The each() function is deprecated. This message will be suppressed on further calls in menu_set_active_trail() (line 2405 of /srv/slobodensoftver/drupal-7.59/includes/menu.inc).

Општи информации

Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која на прво место се занимава со слободен софтвер во Р. Македонија. Слободен софтвер Македонија е посветена на промовирање на слободен софтвер и создавање на свест како за економскиот така и за социо-етички контекст на слободниот софтвер, особено за земјите во развој, како што е и Република Македонија.

Слободен софтвер Македонија е основана во Скопје, Р. Македонија во 2002 година. Таа е единствена невладина организација во земјата која се занимава со прашања од областа на слободен софтвер. Исто така, организација се занимава и со прашањата поврзани со отворените стандарди и слободната култура. Организацијата работи според статут базиран на шаблон издаден од Европската фондација за слободен софтвер, како и други документи и соодветна организациска поставеност.

Слободен софтвер Македонија е член на Алијансата за ODF и О'Рајли групата на корисицни на ГНУ/Линукс.

Можете да контактирате со организацијата за било кое прашање поврзано со слободен софтвер, слободна култура, отворени стандарди или други поврзани теми.

Работа

Во своето дејствувањето невладината организација е фокусирана на области и тоа: слободниот софтвер на ниво на техника, технологија и логистика. Применети политики за слободен софтвер, социјалните и етички прашања поврзани со слободниот софтвер; слободната култура, творењето во дигиталното доба и авторските права; хакерската култура и етика.

Од нејзиното основање, Слободен софтвер Македонија е влијателна организација во полето на локализација на слободниот софтвер на македонски јазик. Проектите на кои организацијата и нејзините членови, како и пошироката заедница имаат работено ги вклучуваат локализацијата на OpenOffice.org, производите на Mozilla, работните околини GNOME и KDE и други апликации. Исто така, оперативниот систем GNU/Linux е прилагоден да може да користи македонска кирилица, датуми, календари и валута. Неколку GNU/Linux дистрибуции како Ubuntu, Fedora, Red Hat, Mandriva исто така во различни периоди, согласно потребите, се локализирани на македонски јазик.

Најголем дел од работата посветена на преводи и маратони за локализација, беше јавно промовирана на настани како Денот на слободен софтвер и редовните годишни фестивали за инсталација. Преведувачките маратони се манифестации каде многу луѓе се ангажираат на локализирање на една единствена апликација на слободен софтвер. Фестивалите за инсталација се настани на кои нови корисници обично ги носат своите компјутери, а веќе искусните корисници ќе им помогнат во инсталирање на GNU/Linux. Некои од таквите фестивали кои невладината организација ги организираше беа придружени со работилници и предавања за тоа како се користи слободен софтвер и каква е општествената корист.

Организацијата исто така активно соработува со бизнис секторот во земјата. Во 2007 година Слободен софтвер Македонија и коморота на компании кои се занимаваат со ИКТ – МАСИТ потпишаа меморандум за разбирање. Во 2011 во соработка со КејблТел беше воспоставен првото огледало за Debian GNU/Linux во Македонија.

Исто така, Слободен софтвер Македонија соработува и со организации од граѓанскиот сектор во различни активности и проекти:

  • Во 2011 година, Град Скопје од фондот за соработка со невладини организации ја финансираше серијата работилници во хаклабот КИКА, која се одвиваше во времетраење од три месеци, во текот на тие месеци тековните активности во КИКА се одвиваа потпомогнати од овие фондови, со што посетитетлите се здобија со знаење од областа на слободниот софтвер, технички и философски како и практични работилници во понатамошните редовни активности во КИКА.
  • Во текот на 2010 и 2011 година Слободен софтвер Македонија во соработка со фондацијта Метаморфозис и Министерството за информатичко општество работеше на предлог Националната политика за слободен софтвер. Организацијата беше задолжена за изготвување на текстот, организирање на јавни настани, промовирање и прибирање на коментари и идеи од пошироката јавност.
  • Од фондот на Владата на РМ за соработка со невладнините организации и фондации, добивме финансиски средства за локализација на OpenOffice.org на македонски, проектот го работеше македонскиот тим за локализација http://www.openoffice.org/mk/.
  • Во 2007 соработувавме со UNDP на нивниот проект OLPC. Во рамките на тоа, бевме одговорни за надградбите на софтверот на сите лаптопи што се користеа во основните училишта што беа дел од проектот;
  • Во 2006/2007 работевме на проектот „Support to e-Governance initiatives based on Free/Open Source Software at the local level in FYR Macedonia“ , којшто го имплементира UNDP Македонија;
  • Во 2006 организиравме интернационална работилница за Употреба на слободен софтвер во владата и образованието во Р. Македонија;
  • Во 2005 соработувавме со тимот којшто подготвуваше го столбот Е-Граѓани од Националната стратегија за информатичко општество, документ кој подоцна беше усвоен од Собранието на Република Македонија.

Соработката со универзитетите во Скопје и Битола е воспоставена во форма на предавања за студентите на овие државни академски институции. Студентите на одделот новинарство и е-бизнис во Скопје и на Техничкиот факултет во Битола, секоја година ги посетуваат овие предавања. Работата во Битола ја врши локалната Група на корисници ГНУ/Линукс - Лугола.

Иницијативите за создавање свест во јавноста се исто така значаен дел од работата на невладината организација. Спроведуваме иницијативи во јавноста за можните негативни импликации од договорот за стратешко партнерство која Владата на Р. Македонија го потпиша со корпорацијата Мајкрософт. Истовремено ги следиме владините активности во имплементирање на е-владини решенија со пуштање на софтвер кој е задолжителен за употреба. Најновиот пример беше софтверска апликација од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што е спротивно на препораките од Националната стратегија за информатичко општество.

Со отворањето на првиот хаклаб во Македонија – хаклабот КИКА во Скопје, најголем дел од акивностите што претходно се случуваа на различни локации се концентрираа во просториите на хаклабот. КИКА започна со работа во 17.10.2009 година и нејзиното функционирање постојано и целосно е обезбедено со парични средства од членовите кои таму одржуваат работилници и создаваат содржини.
Хаклабот има редовна програма. Понеделниците се резервирани за прва помош за нови корисници на GNU/Linux, четврток е ден за програмирање, а редовното СподелиЗнаење, кое се одржува во континуитет веќе од ноември 2006 година е во сабота. Сестринскиот СподелиКино настан, со не толку редовен распоред, се одржува во Галерија 7 во скопската чаршија.
Хаклабот и активностите во него исто така придонесоа за проширување на интересите на организацијата и нејзините членови кон области како што е хакирањето на хардвер и aurdino.

Од 2007 година Слободен софтвер Македонија и нејзините членови се дел од регионалните хакерски средби „Ништо нема да се случи“ (NSND). До 2011 година во Македонија успеавме да одржиме три локални настани: два во Штип и еден во Куманово, а во мај 2011 го организиравме и првиот регионален NSND во Македонија. На настанот во Охрид покрај домашните присуствуваа и луѓе од Србија, Хрватска, Косово, Албанија.

Светска слава постигнавме со нашата „Поплава од слободен софтвер“ во 2004 година.

Во 2007 година настанот организиран во Скопје по повод Денот на слободниот софтвер беше прогласен за еден од подобрите настани од страна на организацијата Software Freedom International.

Заедница
Целата заедница брои повеќе од 200 млади луѓе вработени во водечките македонски ИТ компании, студенти на универзитет и средношколци. Тие со голем ентузијазам го посветуваат своето време и енергија на промовирањето на слободен софтвер.

Заедницата комуницира на поштенската листа [2s.mk-friends] и на каналот за IRC #lugola на серверот irc.freenode.net.

Помогнете ни!

Постојат различни начини да помогнтете и да придонесете во заедницата. Можете информирано и прецизно да пишувате и зборувате за слободниот софтвер и слободната култура, можете на пријателите да им инсталирате GNU/Linux, можете да се приклучите во некој од постоечките проекти или можете да донирате пари или други материјални средства (книги, компјутери и сл.) на Слободен софтвер Македонија.