Следниов поднесок е доставен до irena.bojadzievska miao.gov.mk и marija.nikoloska mioa.gov.mk ќе биде доставено и до архивата на миоа
Како претставници од Слободен Софтвер Македонија, на вчерашната конференција посветена на
Open Data, нафрливме неколку поенти и предлози колку што времето и дискусијата дозволуваа.
Слободен Софтвер Македонија е отворен за соработка и во прилог има неколку од разработените
предлози и идеи.
Иако пласирањето на Open Data иницијативата е возможна и без целиот екосистем[1], неговото
популаризирање на вистинскиот начин и самоодржливоста и исплатливоста без креирањето на
овој екосистем не се возможни. За еден ваков проект да успее, или подобро, за да успее еден
проект од владата наменет за граѓаните, не е можно без нивно директно вклучување во процесот
на пласирање и изработка.
Таа соработка исто така мора да е очигледна, со што е можно поголем круг на граѓани. Не го
земајте здраво за готово зборот „очигледна“, затоа што треба да се сфати буквално: односно,
сите да се вклучени и да им е јасно за што всушност, се работи и што со тоа ќе се постигне и
секако каква корист ќе имаат од тоа. Подлабоко влијание на граѓаните имаат идеите кои
циркулираат доле, меѓу нив и од кои се дел, или е дел некој што го познаваат и може да им
објасни од прва рака, од било каква телевизиска кампања која би ги на пример, рекламирала
отворените податоци и би креирала свесност за нивно користење и обработка.
Креирањето на сервисите (како e-government) кои се наменети за јавното добро и граѓаните, би
било природно да се одвиваат по пат на соработка помеѓу органите на јавната управа (владата),
граѓаните и бизнис заедницата.
Добар пример за успешна соработка на глобално и локално ниво е заедницата на слободен
софтвер - каде волонтери, професионалци, преставници на различни групи и поедицни креираат
крајни производи, конкурентни и сосема функционални, кои пак им се враќаат како придобивка
на истите тие придонесувачи во проектите, но и на поширок појас на корисници. Околината на
слободниот софтвер е секогаш отворена за соработка, и како што рековте дека акциониот план е
жива материја, за слободниот софтвер важи истото: ако нешто не ви се допаѓа или сакате да
додадете, а имате познавања и ресурси како тоа да го направите, слободно можете во
координација на оние кои го координираат проектот тоа и да го направите, или пак да оставите
барање кое ќе биде разгледано и можеби усвоено и направено за вас.
Овде може да се потенцираат приоритетите за кои беше разговарано на конференцијата; на
ваков начин би се намалила можноста за грешка или евентуално несогласување на приоритетите
кои можеби владата мисли дека се на најважни, со оние кои се реална потреба на граѓаните.
Покрај креирањето на платформите како е-влада, со ваквиот начин на работа би се стимулирале
и креациите на нови апликации кои би ги користеле отворените податоци, и заедницата ќе
може да си ги прави сама за себе. Иако изгледа како за ова да се постави требаат и многу работи
и инфраструктура, всушност постојат многу готови сервиси кои би можеле да се искористат за
подигнување на ваква платформа за работа и колаборација.
Веќе постоечките системи за комуникација и менаџирање на ваквите проекти се достапни, и
како повеќе од нашите членови се дел од нив повеќе години, не е воопшто комплицирано да се
изведат. За почеток, можат да се вклучат студентите, или професионалците кои сакаат
волонтерски да учествуваат во креирањето и подобрувањето на ваквите системи и апликации, во
соработка со граѓанскиот сектор кој би ги идентификувал потребите.
На пример, на оваа страница http://www.ecidadania.org/es/ се наоѓа шпански проект за е-влада,
кој ќе има за задача да биде продолжена рака на владата и преку кој граѓанскиот сектор,
невладините и индивидуалците граѓани ќе можат да се вклучуваат да бидат социјално активни
во одредени акции, или пак да учествуваат во креирањето на владините политики, делот кој веќе
го имате. Овој проект е базиран сосема на слободен софтвер, односно кодот е отворен, а отворен
е и за колаборација на проекти како Google Summer of Code, за кој еден од нашите претставници
ви спомна на конференцијата, отварајќи ја можноста ние да направиме нешто слично.
Ние би можеле да го направиме истото за сервисите кои треба да се градат овде во Македонија,
поставувајќи го костурот на апликација, и отварајќи ја целосно за секој кој сака да придонесе во
нејзиното креирање и подобрување. Локалните студенти и ит професионалци ќе стекнат пракса
во вистински проект, ќе се чувствуваат вклучени во проектот, а и граѓаните сигурно овој потег
ќе го прифатат со радост. Понатаму, граѓанскиот сектор би можел наместо да води дискусии
директно да придонесе давајќи конкретни предлози кои би сметале дека треба да се направат од
волонтерите. Во Македонија, недостига комуникацијата помеѓу владата и граѓанскиот и бизнис
секторот, која би требало да се воспостави на сите нивоа. За сето тоа треба време, но
Министерството за Информатичко Општество ја има идеалната можност да почне во таа насока,
со отварањето на овие проекти, и користејќи ја инфраструктурата која му ја нудат новите
технологии за воспостанување транспарентна и партиципативна политика која ќе биде дочекана
со одобрување од другата страна.
• Пред да се почне да се работи на акцискиот план нулта точка е стандардизирање на
форматите на објавување на отворените податоци наш предлог е xml, json, csv, rst ;
• Слободниот софтвер и отворените формати на документи се клучни при импментацијата
на концпетот на отворени податоци, Националната политика за слободен софтвер која е
во рацете на МИОА значително ќе ја подобри оваа позиција и ќе постави здрава основа
за понатамошниот раст и развој на дигиталните владини сервиси, внатрешни процеси и
објавување на отворени податоци ;
• Хармонизација на авторските права за објавените податоците, содржините произведени
од органите на јавната управа, дозвола за споделување (CC BA-SA) криејтив комонс
наведи извор, сподели под исти услови) или компатибилна лиценца прилагодена на
законот за авторските и сродни права ;
• Интероперабилност и пристап и користење на отворените податоци од повеќе
оперативни системи и од сите поголеми мобилни платформи ;
• Приоритет за пилот е Заводот за статистика и објавување на отворени податоци од
богатата ризница со која располага оваа јавна установа .
[1] Jeff Kaplan, презентација http://www.slideshare.net/jeffkaplan88/jeff-open-mkmar2012
http://www.slideshare.net/Metamorphosis/ss-12114520
http://mioa.gov.mk/?q=node/2945
Прилог | Големина |
---|---|
open_data_initiative_suggestions.pdf | 47.1 KB |