You are here

E-Society.mk 2008, нашето гостување

На 10 декември 2008г. во организација на Метаморфозис во Скопје повторно се случи E-Society, конференција преку која се разгледуваат начините и можностите за имплементирање на услугите на ИКТ во служба на граѓаните. Оваа година повторно имавме наш удел во реализирањето на конференцијата преку наша презентација, во сесијата „e-Education Platforms“, на тема „FLOSS Solutions“, односно решенија базирани на слободен софтвер за е-образовни цели. Презентер беше Александар Балаловски.

Наш впечаток е дека конференцијата помина со нешто помал интензитет за разлика од другите години. Имаше предавачи кои најблаго речено не ја познаваа тематиката која, со оглед на нивните позиции би требало да ја владеат, а која нас нѐ засегна поради тоа што голем дел од темите опфаќаа и споменување или конкретни решенија кои се слободен софтвер. Неколку моменти го задржаа нашето внимание, особено кога на прашања поставувани од публиката во врска со гласовен синтесајзер на македонски претставниците од конкретни институции даваа дипломатски одговори, заобиколувајќи го конкретниот одговор. Би сакале да споменеме дека како слободен софтвер за гласовно синтентизирање на македонски јазик постојат неколку решенија, од кои дел се веќе имплементирани во Edubuntu. Espeak е исто така решение кое е слободен софтвер и кое „зборува“ течен македонски.

Во текот на некој од наредните сесии беше направена паралела помеѓу хакерите и криминалците, па дури и беше сугерирано дека „местото на хакерите е во Идризово“. Можеби ова звучи ноншалантно и небитно, но според нас, ваквите терминолошки бариери ја отежнуваат работата на оние кои се најзаслужни за постоењето на Мрежата како таква. Хакерите не се кракери не се криминалци! Интернет како појава денес постои поради тоа што некои луѓе кои се вистински хакери, некогаш направиле нешто од протокот на податоци. Сепак не би сакале личноста која „ни покажа“ да ја оквалификуваме како непрофесионалец, затоа што имаме почит кон сите.

Се надеваме дека догодина вакви конференции ќе има повеќе, особено би биле среќни доколку на ваквите конференции е задоволство да се дискутира со небирократскиот аспект на ИКТ на теми кои очигледно се нашата иднина.