You are here

Образование

Слободен софтвер во македонското образование

Добрите вести тешко се пробиваат на виделина. Така по скоро цело завршено полугодие, дознаваме дека во македонските средни училишта се распределени 2000 компјутери (20 по училиште) на кои покрај Виндоус има инсталирано и Мендрејк Линукс.

Компјутерите се донација на кинеската влада, а дуал-бут опцијата е тука благодарение на USAID, EDC и Министерството за образование на Република Македонија. Сите активности се одвиваат преку проектот е-школо.мк.

Дел од активностите на овој проект е и информирањето на професорките и професорите по информатика за слободниот софтвер, можностите кои тој ги нуди, неговото значење за образованието итн. Така на 17.12.2004 во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, предавање на оваа тема одржа г-динот Алфонсо Наранхо, претставник на EDC.

Она што можеби беше најважно за ова предавање е дека таму беа присутни и претставници на Слободен софтвер Македонија. Професорите дознаа дека сето тоа зборување и предавање не е само теорија, туку дека има некоја група на луѓе кои активно се занимаваат со слободен софтвер, и дека има заедница која расте и која може да биде од голема помош.

Поради фактот што на професорите им беше јасно и недвосмислено кажано дека покрај USAID и Министерството за образование на Република Македонија подржува и инсистира употреба на слободен софтвер во наставата, искрено се надеваме дека слободниот софтвер ќе си го пронајде вистинското место во македонското образование, исто како што тоа го направи во образовните системи на полно високо развиени земји.

Зошто училиштата треба да користат само слободен софтвер?

Има општи причини зошто сите компјутерски корисници треба да инсистираат на слободен софтвер. Тој им дава на корисниците слобода да ги контролираат сопствените компјутери--со неслободниот софтвер, компјутерите го прават она што сакаат да го прават сопствениците на софтверот, а не тоа што сакаш ти да го правиш. Тој (слободниот софтвер) им дава слобода на корисниците да соработуваат меѓу себе, и да живеат чесен живот. Овие работи важат за училиштата, како што важат и за сите.

Но има посебни причини кој важат за училиштата.

Прво, слободниот софтвер може да им заштеди пари на училиштата. Дури и во најбогатите земји, училиштата немаат доволно пари. Слободниот софтвер, како на другите корисници, така и на училиштата, им дава слобода да го копираат и редистрибуираат софтверот, со што училишниот систем може да направи копии за сите компјутери во сите училишта. Во сиромашните земји, ова може да помогне во намалување на технолошкиот јаз.

Оваа очигледна причина е важна, но истовремено е и плитка. И развивачите на нелсободен софтвер можат да ја надминат овој нивен недостаток со донирање на копии на училиштата. (Внимавајте!--школото кое ќе ја прифати оваа понуда можеби ќе мора да плаќа за надградби во иднина.) Сега да ги погледнеме подлабоките причини.

Училиштата треба да ги учат учениците на начин на живот кој ќе кој позитивно ќе придонесува во општеството. Треба да ја промовираат употребата на слободен софтвер исто како што го промовираат рециклирањето. Ако училиштата ги учат учениците слободен софтвер, учениците ќе користат слободен софтвер кога ќе завршат со образованието. Ова ќе му помогне на општеството во целост да избега од доминацијата (и силеџиството) на мегакорпорациите. Тие корпорации нудат бесплатни копии на училиштата од истите причини заради кои тутунските компании дистрибуираат бесплатни цигари: за да ги направат децата зависни (1). Тие нема да им даваат дисконти на децата кога тие ќе пораснат и ќе матурираат.

Слободниот софтвер им дозволува на учениците да научат како софтверот работи. Кога учениците ќе дојдат во своите тинејџерски денови, некои од нив ќе сакаат да научат сѐ што може да се научи за нивниот компјутерски систем и неговиот софтвер. Таа е возраста кога луѓето кои ќе бидат добри програмери треба да учат. За да научат добро да пишуваат софтвер, учениците треба да читаат многу софтвер и да пишуваат многу софтвер. Тие треба да читаат и разберат вистински програми кои луѓето навистина ги користат. Тие ќе бидат мошне љубопитни да го читаат изворниот код на програмите кои тие ги користат.

Неслободниот софтвер ја одбива нивната жед за знаење; тој вели: „Знаењето кое го сакате е тајно--учењето е забрането!“ Слободниот софтвер ги поттикнува сите да учат. Заедницата на слободниот софтвер го одбива „свештеништвото на технологијата“, кое ја држи јавноста во незнаење за тоа како технологијата работи; ние ги охрабруваме учениците од било која возраст и ситуација да читаат изворен код и да учат колку што сакаат. Училиштата кои користат слободен софтвер ќе го поттикнат развојот на оние кои имаат дарба за работа со софтвер.

Следната причина е уште подлабока од претходната. Очекуваме училиштата да ги научат учениците на основни факти и корисни вештини, но тоа не е нивната комплетна задача. Најфундаменталната работа на училиштата е да ги научат луѓето да бидат добри граѓани и добри соседи--да соработуваат со други на кои им е потребна помош. Во областа на компјутерите, ова значи образување за тоа дека софтверот треба да се дели. Основните училиште, пред сите други, треба да им кажат на своите ученици: „Ако носите софтвер на училиште, мора да го делите со другите деца“. Секако училиштето мора да го практикува она што го проповеда: сиот софтвер инсталиран од училиштето треба да биде достапен за учениците да можат да го копираат, да го носат дома и да го редистрибуираат.

Образувањето на учениците да користат слободен софтвер и да бидат дел од слободен софтвер заедницата, е вистинска практична цивилна лекција. Тоа исто така ги запознава учениците со моделот на јавен сервис наместо со оној на моќните корпорации. Сите нивоа на образование треба да користат слободен софтвер.

1. RJ Reynolds компанијата за цигари беше казнета $15 милиони во 2002 за делење на бесплатни примероци цигари на настани наменети за деца. За повеќе информации видете: http://www.bbc.co.uk/worldservice/sci_tech/features/health/tobaccotrial/....

Забелешка: Англиската верзија на текстов може да се најде на http://www.gnu.org/philosophy/schools.html. Автор на текстов е Ричард Сталман, претседателот на Free Software Fondation и основачот на GNU проектот.

Страници

Subscribe to RSS - Образование