На 23.11.2007, Миша Поповиќ како претставник на „Слободен софтвер Македонија“ присуствуваше на работилницата насловена „Инклузивна е-Власт“ организирана од фондацијата Метаморфозис.
Тоа што можеше да се забележи од неколкуте презентации поврзани со работењето на власта во доменот на е-услугите кои ги нуди е дека постои напредок во софистицирањето на услугите. Пријатно изненадува и фактот дека дел од службите се свесни за потребата на користење прифатени и отворени стандарди при нудење на онлајн услуги.
Меѓутоа, реакцијата на „Слободен софтвер Македонија“ беше дека обврската за користење стандарди и отворени формати треба да се преточи во јасно прецизирана политика на сите степени на власт, институции и други организации. Истовремено, укажавме на тоа дека во истражувачките проекти поврзани со утврдување и следење на степенот на софистицираност на онлајн услугите, потребно е додавање и на компонента која ќе го утврдува степенот на независност на услугата од оперативен систем и конкретни апликации.