Денес, Слободен софтвер Македонија повторно им испрати писма на пратениците во Собранието на Република Македонија. Повод за ова беа последните измени во предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Иако дел од измените се во насока на нашето претходно барање, сметавме дека е потребно да им се обратиме на пратениците за уште некои, за нас отворени прашања во член 11.
Целиот текст од писмото:
Предмет: Дополнет предлог-закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета
Почитувани,
Последните промени во текстот на предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ги адресираа проблемите кои што ги воочи пошироката македонска јавност. Благодарни сме што Вие како наш претставник, и Собранието на Република Македонија воопшто, брзо реагираа на јавно искажаната загриженост.
Меѓутоа, делови од предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета остануваат спорни и ја користиме оваа прилика да побараме од Вас уште еднаш да застанете во одбрана на вредностите на нашата Република.
Имено, во членот 11 во дополнетиот Предлог-закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета во став 2, точка 2 во последната реченица се уште стои, цитираме:
„Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.“
Сметаме дека оваа одредба ја нарушува позицијата на судската власт како единствена која би требало да може да одлучи за отстранување на некоја содржина.
Во таа смисла, членот 23 од истиот Предлог-закон доволно го регулира отстранувањето на содржини и затоа цитираната реченица треба да биде избришана од членот 11.
Со поднесување на амандман за бришење на овој дел, се надеваме дека уште еднаш ќе покажете одговорност во заштитата на правниот поредок и Уставот како и слободите на граѓаните.
Со почит,
Слободен софтвер Македонија