You are here

Извештај за работата на Слободен софтвер Македонија во 2006 година

Слободен софтвер Македонија во 2006 година се посвети на подигнување на јавната свест за прашањата поврзани со слободниот софтвер. Ова беше остварено преку организирање на повеќе настани: инсталационен фестивал во април 2006, меѓународна работилница за употребата на слободен софтвер во владините институции и образованието во октомври 2006, учество на конференцијата е-Општество.мк 2006 и конечно стартување на циклусот работилници „Сподели знаење“ на ФЕИТ во декември 2006. Во 2006 година се одржаа и веќе традиционалните предавања на Правниот и Економскиот факултет во Скопје. Инсталациониот фестивал кој се одржуваше по трет пат, за прв пат вклучи и предавања и работилници, па посетителите покарај тоа што можеа да добијат инсталација на слободен софтвер, можеа да видат и како тие системи се користат за работа, и да чујат предавања за слободниот софтвер и авторските права.

Меѓународната работилница беше организирана во соработка со UNDP Albania. Гостите од Република Албанија кои ја посетија Македонија во два дена можеа да се запознаат со начините и местата на употреба на слободниот софтвер во владините институции и образованието во Македонија. Работилницата беше оцената како успешна на општо задоволство на сите вклучени странки, со изразена желба за понатамошна соработка во иднина.

Конференцијата е-Општество.мк во организација на фондацијата Метаморфозис беше уште еден настан каде Слободен софтвер Македонија зема активно учество, како на пленарните сесии, така и преку организирање на работилници. За време на конференцијата беше остварена соработка и со Мултимедијалниот институт МАМА од Република Хрватска.

Работилниците „Сподели знаење“ кои во декември започнаа на ФЕИТ се последната активност во 2006-тата година. Покрај намерата преку овие работилници да се промовира слободен софтвер и корисни вештини поврзани со него пред се за студентите на ФЕИТ (но и за сите други заинтересирани), овие работилници се одлична можност во Скопје да се создаде неформална група луѓе која ќе гравитира кон слободниот софтвер. Вака можеби се удираат темелите на идниот скопски линукс клуб.

Покрај овие активности, Слободен софтвер Македонија преку целата 2006-та година во континуитет учествуваше како советодавец на проектот на UNDP Македонија за промовирање на слободен софтвер и софтвер со отворен код во локалната самоуправа во Република Македонија. Улогата на организацијата пред се беше насочена кон давање предлози, идеи и насоки за подобро спроведување на проектот. За таа цел беше изготвен и документот со препораки до UNPD. Исто така, Слободен софтвер Македонија до UNDP Македонија, предлагаше експерти за слободен софтвер кои во рамките на проектот можат да извршат определени активности.

Од она што не е остварено, а беше планирано, вреди да се спомена доцнењето со изработката на новите веб страници на организацијата. Но, бидејќи најголем дел од работата во рамките на организација е на волонтерска основа, останува надеж ова да се спроведе во текот на 2007 година.

Финансиски информации

За својата работа во 2006 година, Слободен софтвер Македонија доби директна надокнада за спроведување на меѓународната работилница за UNDP Albania. Согласно финансиските насоки на организацијата, за своите потреби Слободен софтвер Македонија располага со 20% од средствата (околу 240 EUR од околу вкупно 1200 EUR). Сепак, мора да се напомене дека по исплаќањето на трошоците за организација, хонорари за предавачите и другите надворешни лица, членовите на организацијата: Новица Наков, Дамјан Георгиевски, Игор Стаматовски и Георги Станојевски, се откажаа од средствата кои според буџетот на проектот требаше да им припаднат и истите ги донираа на организацијата. Исто така, Мирослав Јовановиќ ги донираше средствата кои требаше да ги добие како предавач. Со ова, на организацијата на располагање и останаа околу 550 EUR за кои собранието треба да даде препорака за која намена да се искористат во 2007 година.