Денес, 30.04.2008 г. во 11 часот, Слободен софтвер Македонија во просториите на НВО Инфоцентарот одржа кратка презентација за новинарите за кириличните можности на слободниот софтвер.
За презентацијата беше користена најновата верзија на GNU/Linux дистрибуцијата Ubuntu, која патем, е целосно локализирана на македонски јазик.
Оваа презентација всушност беше дополнување на штотуку започната кампања за кирилица која ја спроведуваат МИА и Идеа+ за промовирање на кирилицата во работата со компјутери. Во овој контекст, посебно внимание се посветува на изгледот на ракописните букви „д“, „т“ и „г“, како и на специфичните „е“ и „и“ со цртичка.
Презентацијата имаше за цел да ја запознае пошироката јавност со можностите на слободниот софтвер од ова поле. Поточно, дека овие букви се достапни во слободниот оперативен систем во повеќе програми и веќе можат да се користат.