You are here

Проектите се во тек. Приклучете се и помогнете.

Одморите завршуваат и Слободен софтвер Македонија се враќа во живот. Проектите на кои ОССМ работеше во изминатите месеци сеуште се актуелни.

Еве еден краток преглед на тековните активности:

Летово по неколку годишна пауза во официјалната KDE дистрибуција се појавија македонските преводи. Ова значи дека во сите нови дистрибуции кои ќе доаѓаат со KDE 3.1.3 ќе можете да изберете македонски јазик. Сепак KDE не е 100% преведено. Сите KDE фанови кои сакаат да си го гледаат десктопот на кирилица и на македонски јазик можат да се приклучат во преведувачкиот тим.
Сите информации на оваа тема се наоѓаат на http://mkde.sourceforge.net/.

Од друга страна преведувањето на GNOME е во застој. Затоа еве повик до сите GNOME фанови: нема сигурно да дозволите KDE прво да биде преведено! Информации за овој проект на http://gnome.linux.net.mk/.

Преведувањето на Mozilla исто така е во застој. Доколку има некој кој би сакал да ја потера работата нека пише на info_НА_slobodensoftver.org.mk.

OpenOffice.org 1.1 стигна до својот RC2. За одржувањето и дополнувањето на преводот е одговорен Златко Трајчевски.

Контактирајте со него доколку сакате да помогнете во одржувањето на канцеларискиот пакет на македонски јазик.

Кон сите овие активности треба да се додаде и тоа дека покрај софтвер на македонски, потребна е и документација на македонски јазик. Преведувањето на документацијата (Help датотеки, прирачници и сл.) сеуште не е започнато. Доколку некој сака да ја потера оваа работа исто така може да пише на info_НА_slobodensoftver.org.mk.

Друга интересна новост е тоа што најверојатно во новиот Mandrake инсталационата и конфигурационата процедура ќе бидат на македонски јазик. Моментално на преводите работи Зоран Димовски.
На истата работа само за RedHat работи Благоја Ѓаковски. Ако сакате да помогнете контактирајте со луѓето.

Конечно збор-два и за непреведувачки проекти.

Владислав Бидиков работи на интернет македонско-англиски речник. Софтверот треба да се прилагоди на македонските (нашите) потреби.

И за крај, нашиот Иван Стојмиров се зафати со изработка на македонска дистрибуција базирана на Knoppix.

Приклучете се. Секаква помош е добредојдена.