Слободен софтвер Македонија ве поканува на предавањето на Ричард Сталман на темата „Copyright vs Community in the age of computer networks“. Предавањето ќе се одржи на 3 јуни (четврток), во 18:00 часот, во салата „Милениум 2“ на Holiday Inn Скопје. Влезот е слободен.
Copyright vs Community
Авторските права се зачнати во ерата на печатарската машина, и биле дизајнирани да одговараат на системот на централизирано копирање наметнато од самата технологија на печатење. Но режимот на авторски права воопшто не одговара со компјутерските мрежи, и само драконски казни можат да го спроведат.
Глобалните корпорации кои профитираат од авторските права лобираат за драконски казни, и за зголемување на нивната моќ и потиснување на јавниот пристап до технологијата. Но ако сериозно сакаме да ја почитуваме единствената легитимна цел на авторските права, а тоа е да се промовира напредокот, тогаш за доброто на јавноста мораме да направиме промени во спротивната насока.
За Richard Matthew Stallman
Ричард Сталман е основоположник на движењето за слободен софтвер и проектот GNU. Кариерата ја започнува на познатиот технолошки универзитет во Масачусетс (MIT), во лабораторијата за вештачка интелегенција. Во времето кога воопшто не ни постоела софтверска индустрија, неговите програми биле нашироко употребувани ширум универзитетите во САД, а поради неговата вештина и способност се здобива со голема почит кај колегите.
Пред налетот на се поригорозниот режим на авторски права (анг: Copyright), кој почнал да ја нагризува заедницата на програмери на која тој ѝ припаѓал, го формулира концептот на Copyleft (игра на зборови - Copyright свртен наопаку).
Принципот на Copyleft е кодифициран во GNU општата јавна лиценца (GNU GPL), која иако се базира на законот за авторски права, целосно ги отфрла неговите рестриктивни мерки. GNU GPL Ви гарантира дека еден софтвер е слободен за било какво користење, слободен да го проучувате и менувате според Вашите потреби, слободен за споделување со Вашите пријатели/соседи и слободен да дистрибуирате променети верзии. Овој концепт брзо го прифаќа широка заедница на луѓе која му се приклучува во проектот GNU чија цел е потполно слободен оперативен систем.
Принципот на Copyleft, своевиден hack на системот за авторки права, се смета за најголемо достигнување на Сталман, поголемо од сите негови програмерски успеси. Денес тој принцип се повеќе се употребува и надвор од програмерските кругови за музички, филмски, пишани и други креативни дела.
За организаторот
Слободен софтвер Македонија e граѓанско здружение формирано во 2002 со цел да ги промовира идеите за слободен софтвер и слободна култура во Македонија.
Слободен софтвер Македонија е посветена на промовирање на слободен софтвер и создавање на свест како за економскиот така и за социо-етичкиот контекст на слободниот софтвер, особено за земјите во развој, како што е и Република Македонија.
Слободен софтвер Македонија исто така неуморно работи на промовирање на слободна култура во услови кога општествениот и технолошкиот напредок овозможува сѐ поголем дел од човештвото да пристапува, создава, променува, објавува и дистрибуира различни видови на дела во дигитална форма.
Настанот е дел од проектот „Национална политика за слободен софтвер“ во организација на Слободен софтвер Македонија, поддржан од Фондацијата Метаморфозис и ФИООМ, во соработка со Министерство за информатичко општество. Во организацијата помогна и Free Software Foundation.