Согласно одредбите на Статутот на Слободен софтвер Македонија, годишното собрание на здружението се одржа на 28.03.2017 (вторник) во хаклабот КИКА со почеток во 18.15 часот.
Годишното собрание го отвори претседателката на здружението, во функција на претседавачка на собранието, Јованка Гулицоска, со констатација дека на собранието присуствуваат, претседателката Јованка Гулицоска, потпретседателот Дамјан Георгиевски и членовите на здружението Ана Ристеска и Гоце Митевски. Отсутни на собранието беа членовите Александар Лазаров и Божидар Проевски.
Претседавачката на собранието констатираше дека се исполнети условите за полноважно заседавање на собранието и го замоли Гоце Митевски да го води записникот. Потоа го претстави дневниот ред, според поканата за собранието.
Собранието заклучи дека во 2016 година организацијата успешно ги исполни поголемиот дел од програмските активности според програмата за 2016 година.
Членовите на здружението се сложија дека потребно е повеќе време да се посвети на содржините на сајтот на организацијата.
За секретарка на здружението беше избрана Ана Ристеска.
Членовите на здружението констатираа дека нема потреба од избор на нови членови бидејќи нема пријавени соработници што се заинтересирани за членство.
Членовите на здружението се сложија дека програмата за 2017 година ќе биде утврдена на дополнително собрание.
Членовите на здружението разговараа за реновирање на просториите во коишто е сместено здружението. Констатирана беше итната потреба за реновирање на дел од просториите.
Во 20 часот на 28.03.2017, претседавачката го затвори собранието поради исцрпување на сите точки од дневниот ред.
Хаклаб КИКА
Скопје 28.03.2017 г.
Записничар на собранието
Гоце Митевски
Претседавачка на собранието
Јованка Гулицоска