You are here

Записник од годишното собрание на Слободен софтвер Македонија и програма за 2013 година

Согласно одредбите на Статутот на Слободен софтвер Македонија, годишното собрание на здружението се одржа на 24.02.2013 (недела) и 10.03.2013 (недела) во Хаклабот КИКА со почеток во 18 часот.

Годишното собрание го отвори потпретседателот на здружението, во функција на претседавач на собранието, Игор Стаматовски, со констатација дека на собранието присувствуваат, претседателот Миша Поповиќ, секретарот Арангел Ангов и членовите на здружението, Дамјан Георгиевски, Новица Наков, Божидар Проевски, Владан Поповиќ, Тамара Атанасоска и Јованка Гулицоска. Исто така присутни беа и соработниците Ана Ристеска и Гоце Митевски.

Претседавачот на собранието констатираше дека се исполнети условите за полноважно заседавање на собранието и го замоли Арангел Ангов да го води записникот. Потоа го претстави дневниот ред, според поканата за собранието.

1. Годишен извештај за 2012 година;
2. Избор на нови членови;
3. Избор на нови членови на извршниот одбор на организацијата: претседател, потпретседател и секретар;
4. Донесување на програма за 2013 година;
5. Разно.

Собранието заклучи дека во 2012 година организацијата успешно ги исполни поголемиот дел од програмските активности според програмата за 2012 година. Членовите на организацијата се сложија дека потребно е повеќе време да се посвети на содржините на сајтот на организацијата.
За нови членови на извршниот одбор на Слободен софтвер Македонија беа избрани:
Јованка Гулицоска - претседател
Дамјан Георгиевски - потпретседател
Миша Поповиќ - секретар

Програма за 2013:

Заживување на СподелиКино - организирање на редовни месечни или неделни настани каде што ќе се прикажуваат филмови поврзани со слободниот софтвер и слободната култура, авторските права и сл.

НСНД Охрид и други локални НСНД настани - По успешнате настани во 2011, Слободен софтвер Македонија и во иднина ќе продолжи да ги поддржува локалните НСНД настани организирани на територијата на Република Македонија. НСНД е настан каде што се собираат технолошки ентузијасти од регионот за да разменуваат знаења, искуства и понатаму да го применат сето тоа во својата средина.

Изработка на анализа – изработка и објавување на документи за политика на тема од слободен софтвер или отворени податоци.

Соработка со Факултетот ФИНКИ за повремени презентации за слободен софтвер настудентите од факултетот - По успешната соработка со универзитетот ФИНКИ во 2012 година, Слободен софтвер Македонија има намера да ја продолжи соработката со факултетот преку продолжување на презентациите и предавањата за слободниот софтвер, се со цел да се подигне нивото на свест за слободниот софтвер како и да им се доближат практичните придобивки на слободниот софтвер на студентите.

Поддршка на хаклабот КИКА - Слободен софтвер Македонија и во 2012 ќе продолжи да го поддржува работењето на хаклабот КИКА како единствен отворен простор во Република Македонија во кој што младите технолошки ентузијасти можат да се вклучат во изработката на софтверски и хардверски проекти и како резултат на тоа да стекнат практично искуство кое што ќе им користи во понатамошниот дел од животот, посебно при вработувањето.

Програмата за 2013 година беше едногласно усвоена од сите членови на собранието.

Разно

Собранието едногласно одлучи за нови членови на Слободен софтвер Македонија да ги прими Ана Ристеска, и Гоце Митевски, поради нивниот придонес во глобалната и локална заедница за слободен софтвер.

По барање на членот Новица Наков, истиот премина во почесните членови на организацијата. Собранието му се заблагодари на Новица Наков за долгогодишниот придонес во организацијата и заедницата. Собранието исто така им се заблагодари и на Миша Поповиќ, Игор Стаматовски и Арангел Ангов за успешно завршениот двегодишен мандат.
Собранието го задолжи Гоце Митевски, како активен член на Мозила заедницата да ја истражи можноста за соработка со фондацијата Мозила преку проектот „Мозила репс“.

Во 21:00 часот на 10.03.2013, претседавачот го затвори собранието поради исцрпување на сите точки од дневниот ред.

Хаклаб КИКА
Скопје 10.03.2012 г.

Записничар на собранието
Арангел Ангов

Претседавач на собранието
Игор Стаматовски

ПрилогГолемина
PDF icon zapisnik_2cmk_2013.pdf37.37 KB