Информатичката технологија се повеќе навлегува во сите сегменти на општеството - тоа овозможува подобри комуникации, поефикасно работење, забрзан развој - но мора да внимаваме таа инфраструктура да биде слободна, врз неа да може да гради секој. Само така може да се гарантираат иновации и понатамошна еволуција на човековото општество.
ИТ инфраструктурата мора да биде базирана на отворени стандарди и протоколи. Микрософт не дава никакви гаранции за тоа - напротив досега го покажал спротивното. Како пример, Комисијата за информатичка технологија (КИТ), кое е тело на Владата, документите ги објавува во Микрософт Ворд формат. Микрософт има патенти над овие формати, што значи дека било кој граѓанин, за да комуницира со владата, ќе мора директно или посредно да го плати тој патент на Микрософт.
http://www.slobodensoftver.org.mk/freesoftwareflood/
Слободен софтвер Македонија дојде на идеја да ја искористи маркетинг кампањата на Микрософт (која собра многу луѓе од ИТ индустријата на едно место) во свои цели, и за време на конференцијата „Визија“ да им демонстрира дека софтверот може да биде и легален и бесплатен, но и што е најважно слободен.
Така Слободен софтвер Македонија од сопствени средства сними 1000 дискови и ги подели на ИТ професионалците од Македонија на 03.06.2004 пред почетокот на „Визија“ пред Универзалната сала. Операцијата симболично ја нарековме „Free Software Flood“ поради дождот и поради тоа може да се каже дека ги „преплавивме“ сите присутни со слободен софтвер.
Реакциите на луѓето беа пријатни. Со тоа што им овозможивме да видат само мал примерок од врвната софтверска технологија, се надеваме дека допревме до нив да увидат дека не мора (или не треба) да плаќаат лиценци кои само ги ограничуваат. Слободниот софтвер го ослободува корисникот во својата употреба на софтверот, овозможувајќи му учество во понатамошниот развој, неограничен пристап до информациите, практикување на слободата и споделување на плодовите на општиот развој со другите.