Со придружување кон европската иницијатива „Слобода наместо страв – запрете ја манијата на прислушкување“, граѓанските организации од Македонија искажуваат поддршка за напорите на сите бранители на човековите права и слободи кои се залагаат за ограничувањето на прекумерното прислушкување од страна на компаниите и властите.
Од 10 до 19 септември, низ низа европски градови како Берлин, Дрезден, Виена, Луксембург, Варшава и Брисел движењето организира протести и дебати за тоа како да се зачуваат човековите права на приватност од сите форми на следење, особено во дигиталната сфера. Кулминација на активностите се протестите во Брисел на 17 септември, по кои, на 19 септември ќе се одржи и дебата во Европскиот Парламент со парламентарците и персоналот на Европската комисија. Апелот на движењето укажува:
„Манијата на прислушкување продолжува да се шири. Прислушкувањето на работните места, особено е во пораст. Вработените се под надзор и се следат и на работа, понекогаш и во приватниот живот. Истовремено, владините институции не пропуштаат прилики да нè регистрираат, следат и контролираат. Без разлика што правиме, со кого зборуваме, или кому се јавуваме, во кои групи членуваме или кои интереси ги следиме – „големиот брат“ од државата и „малите браќа и сестри“ од деловниот сектор се секогаш чекор напред и испаѓаат попаметни од нас, граѓаните. Ваквиот недостаток на приватност и доверливост го загрозува нашето општество. Луѓето, кои постојано чувствуваат дека се набљудувани и следени, се воздржуваат непристрасно и храбро да застанат во одбрана на нивните права и праведното опшество.
Наводните придобивки за сигурноста кои често се наведуваат како оправдание за прислушкување и контрола, се многу сомнителни: акумулирањето информации за граѓаните не доведува до поголема заштита од криминалот, туку само троши дополнителни милијарди секоја година. Мерките за поселективно и одржливо јакнење на сигурноста се игнорираат. Истото важи и за наоѓање лекови за поитните општествени проблеми, како невработеноста и нееднаквите можности во нашите земји. Над тоа, многустраната агенда за сигурносни реформи води кон конвергенција на надлежностите и соработка меѓу полицијата, тајните служби и војската, со што се разводнува поделбата и рамнотежата на моќ. Ова води и кон намалување на уставните заштити од прислушкување, што нашето општество го изолира од остатокот на светот.
Набљудувањето, како дел од секојдневниот живот, ни влијае на сите нас, не само на малцинствата: Ја загрозува нашата слобода на религија, нашата слобода на изразување и информирање, нашето право на слобода на медиумите, слободата за здржужување и интегритетот на компаниите. Голем број граѓански организации и струкови/професионални здруженија се изложени на исклучително силни мерки на прислушкување и контрола. Меѓу другите, меѓу нив се и работниците во советодавните услуги, здравството, синдикалците, новинарите и адвокатите.
Почитта кон нашата професионална и лична приватност е основен дел од човечкото достоинство. Слободно и отворено општество не може да постои без имплицитни приватни простори и слободна комуникација. Затоа ве повикуваме да се придружите на протестите против прекумерното прислушкување и контрола.
Во Македонија, од особена важност е спротивставувањето на неуставните законски „решенија“ со кои власта повремено се обидува да го легализира неограничениот пристап на полицијата кон електронските комуникации, како и нефункционирањето на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на МВР и МО.
Во РМ, драстичното зголемување на трошоците од буџетот на МВР за специјални мерки на следење, особено на Управата за безбедност и контраразузнавање, не доведуваат до зголемување на делотворноста на МВР. Според податоците објавени на нивниот веб-сајт, бројот на кривични дела е во пораст, а коефициентот на нивна ефикасност на решени случаи опаднал од 61,27% во 2005 г. на 51,03% во 2010 г.
Долупотпишаните граѓански организации ги повикуваат сите граѓани да се придружат кон ова паневропско движење, особено поради тоа што сите загрозување на интегритетот на личните податоци во РМ директно влијаат на загрозување на основните човекови права и слободи, меѓуетничките односи и слободата на медиумите.
Со почит:
• Слободен софтвер Македонија
• Фондација Метаморфозис
• Фондација Отворено општество – Македонија
• Цивил – Центар за слобода
• Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација
• Здружение на граѓани Интернет Хотлајн провајдер Македонија
• Фондација НВО Инфоцентар
• Центар за развој на медиуми
• Македонски центар за европско образование
• Реактор – истражување во акција