http://www.slobodensoftver.org.mk За Нас
.:: Документи ::.

*Октомвриски II: GNU/Linux контра Microsoft - Македонија меѓу два огна.


*Октомвриски III: Владата се правда и лаже


*Октомвриски I: Владата на Република Македонија го одбра Microsoft и сака брзо да заврши со преговорите со софтверскиот монопол.



*Софтверска невиност Како македонија ја изгуби својата софтверска невиност. Белешки за Владата на Република Македонија и Мајкрософт, и за договорот кои тие го потпишаа.


*Писмата кои ОССМ ги праќа до Владата на РМ за обелоденување на целата постапка околу договорот со Microsoft и одговорите на Владата.


Октомвриски документи, Дел I:

Владата на Република Македонија го одбра Microsoft и сака брзо да заврши со преговорите со софтверскиот монопол

1-2 октомври 2003 година



Добредојдовте!


Текстовите кои тука ќе ги прочитате се однесуваат на изјавите на Владата на Република Македонија и пишувањата на печатените/електронските медиуми во врска со „стратешкиот договор“ кој Владата се подготвува да го потпише со Microsoft.
(Забелешка: Договорот беше потпишан на 3 декември 2003-тата година.)



Документот е формулиран слично на Hallowen Documents на Eric S. Raymond. Значи цитатите од нашата Влада и медиуми ќе бидат со црвена боја и тие се пренесуваат со копирај/вметни, што значи не се поправа ништо, дури ни печатните грешки. Нашите коментари на тие изјави ќе бидат со {со зелена боја и во големи загради}, а цитатите во нив ќе бидат и зелени и закосени. Линковите до стории, вести, анализи итн. ќе бидат стандардно сини и подвлечени, email адресите ќе бидат <исто сини и помеѓу знаците поголемо и помало>, сиот друг текст ќе биде нормален, црн.



Овој текст се однесува на изјавите на Владата/нејзините претставници во дневниот печат и пишувањата на дневниот печат, конкретно Утрински весник, на 1 и 2 октомври 2003 година. Линковите до тие текстови се следниве:

  1. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1284&stID=6439&pR=2 - линк до текстот од 1 октомври со наслов: 'Владата го одбра „Мајкрософт“, слободните софтверџии-нездоволни'.

  2. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?pBroj=1285&stID=6549&pR=2 – линк до текстот од 2 октомври 2003 година со наслов: 'Владата е за брзи преговори со „Мајкрософт“'.


Намерата беше овој текст да се однесува и на одговорот на Владата на пратеничкото прашање поставено до неа, кое се однесуваше на договорот со Microsoft. Сепак бевме известени дека добивањето транскрипт од Собранието на Републиката е скоро невозможна работа. Ако некој има аудио, видео или писмен запис од седницата на која се расправало ова прашање, и сака да го сподели со нас, може да ни пише на <info_AT_slobodensoftver.org.mk>.

Исто така чувтсвувајте се слободни да ни пишете на истата адреса за други изјави на Владата по ова прашање, кои се појавиле во дневниот печат или електронските медиуми, а кои ние можеби сме ги пропуштиле. Одржувач на овој документ е Новица Наков <acivon_AT_mail.com.mk>. Истите информации можат да бидат испратени и до него.



Кратка содржина за полесна HTML навигација низ документов:


  1. Легализирање на постојниот софтвер кој се користи во државните институции;

  2. Македонски верзии на софтверот на Microsoft;

  3. Цената на чинење и враќањето на парите;

  4. Бесплатни обуки за државните служебници;

  5. Е-Влада;

  6. Донации за образованието;

  7. Помагање и поволни услови за легализација;

  8. Microsoft– монопол?;

  9. Легализирање на сегашните пиратски копии;

  10. ЕУ и авторските права;

  11. Аргументите на Владата против другите софтверски решенија;

  12. Договорот за четири години и ситуацијата во регионот.


1. Со овој договор, како што се вели во соопштението од владината седница, ќе се легализира постојниот софтвер што се користи во државните институции...



{Овој пренесен дел од соопштението од владината седница укажува на намерите на Владата не Република Македонија, да користи легален софтвер и да користи софтвер кој е на македонски јазик. Сепак, прашањето за тоа дали Владата ги разгледала другите опции за легализирање на софтверот сеуште стои. Користењето на опертивниот систем GNU/Linux е моќна легална опција. Дали тоа е разгледано од стручните тимови на Владата?

Секако, очекуваме Владата да го обелодени потпишаното писмо со намери.}




2. ...а ќе придонесе и за изработка на македонска верзија на производите на „Мајкрософт“, најпрво на оперативниот систем „виндоуз“.



{Соопштението јасно истакнува и дека овој договор ќе придонесе за изработка на македонска верзија на производите на Microsoft, што значи дека таква верзија сеуште не постои, односно на неа ќе мора да се чека. Зошто Владата на Република Македонија ги игнорира софтверските решенија кои веќе се на македонски јазик?}




3. Од Владата, засега, не обелоденуваат колку ќе ја чини Македонија евентуалниот договор со корпорацијата на софтверскиот гуру Бил Гејтс, но прецизираат дека голем дел од средствата ќе се вратат во државава.



{Во најмала рака е чудно како за ваква голема јавна набавка цената на чинење, која во крајна линија ја плаќаат граѓаните, даночните обврзници, останува тајна. Тајна останува и начинот на кој парите кои ќе заминат во Редмонт, Вашингтон ќе се вратат назад. Се надеваме дека Владата ќе најде време да ги објасни овие две точки.

Исто така се надеваме дека владата ќе најде време да ѝ објасни на јавноста зошто нема тендер за оваа нејзина јавна набавка. Впрочем, ќе чекаме одговор и на прашањето колку пари ќе бидат потребни и за купување на anti-virus софтвер, кој е неопходен за безбедно користење на Микрософтовите продукти, како и за било кој друг пропратен софтвер.}




4. Имено, договорот подразбира и бесплатни обуки за владините службеници...



{Пред сѐ, имаме прашање до вицепремиерката Радмила Шеќеринска: кој ќе работи зад државните шалтери додека служебницте одат на обука?}




5. ...финансирање владини проекти, како на пример т.н. „е-влада"...



{Постигнувањето на т.н. „е-влада“ е дел од работите кои мора да се завршат до 2005 година, бидејќи Европската Унија ќе го бара тоа од своите членки, а најверојатно и од кандидатите за членство. Прашањето што тука се поставува е зошто ние како кандидати за членство во ЕУ не го следиме примерот на водечките земји од ЕУ? Тука доволно е да се наведе само примерот на германскиот Минхен кој префрли 14 000 десктоп компјутери од Windows на GNU/Linux, а него го следат и други германски градови.

Европската Е-Влада ќе значи дека земјите ќе ги стават сите свои јавни услуги он-лајн. Перуанскиот конгресмен Edgar Villanueva, поброник за користењето на слободниот софтвер во државната администрација, недвосмислено го објаснува вистинскиот начин на функционирање на Е-Влада: Секој мора да работи со Владата. Ако владата користи неслободен софтвер нејзините граѓани ќе мора да користат ист таков софтвер за да комуницираат со неа. Ако владина веб страна поддржува само Internet Explorer, тоа ќе ги заклучи граѓаните во тој Микрософтов производ. Спротивно на тоа, ако Владата користи отворени стандарди и ако избегнува патентиран софтвер, тоа ќе им дозволи на граѓаните да избираат различни парчиња софтвер со кој ќе ѝ пристапат на веб страната. Слободниот софтвер, исто така наречен, Отворен код, сам по себе е отворен стандард - неговиот изворен код е негова референца. Програмерите на неслободен софтвер можат да ја користат таа референца за да креираат програми кои ќе работат по тие стандарди, без да го нарушат кодот на слободните програми. Така кога владата користи Слободен софтвер/Отворен код, таа им обезбедува на граѓаните избор на различни начини (програми) на комуницирање со својата Влада.}




6. ...додека „Мајкрософт" би се обврзал да донира производи за образовните институции...



{За користењето на Microsoft-овиот софтвер во образованието може да се кажат многу работи. За почеток добро е да се погледне примерот кој Џон Хол, претседател на Linux International, го наведува во своето обраќање до македонската Влада, а кој се однесува на образовниот систем во сојузната држава Орегон: (...) Истото го направија и со училишниот систем во државата Орегон, во Соединетите Американски Држави. Но, следната година, кога училишниот систем го надградуваше својот софтвер, Микрософт им наплати 70 000 американски долари за надградбата. Ова значеше дека училишниот систем, кој немаше буџет за надградбата, мораше да отпушти двајца учители. Дали вашиот предложен договор со Микрософт има клаузула која покрива повеќегодишни надрадби? Дали има клаузула која го ограничува годишното менување на цената од страна на Микрософт? (...)

Ова е добро место да го цитираме и соопштението на индискиот FSF во врска со намерата на Microsoft да донира пари за софтвер за образовен проект во Индија: (...) Особено загрижувачки е намерата на претседателот на Microsoft да донира пари за проектот 'Shiksha' чија цел е да образува 35 деца. Услов за ова е проектот да користи лиценциран Микрософтов софтвер. Господинот Гејтс великодушно изјави дека: „Во образованието, ние имаме многу ниски цени. За големи образовни проекти ќе имаме поголеми донации, со што цената на софтверот ќе биде пониска.“ Сепак, ова не е прашање за иницијалните трошоци на софтверот. Микрософт ќе има огромни користи од такви проекти дури и ако го даде својот софтвер бесплатно, се додека тоа е Микрософтов софтвер. Ова е така бидејќи децата и учителите ќе учат (или да речеме дека ќе бидат „индоктринирани“) само Микрософтов софтвер, со што на компанијата ќе и биде дозволено да го задржи својот монопол во образованието и пошироко. Ова е како да им речете на медицинските училишта да се предава начинот на користење на лекови од само една фармацевтска компанија.

Зар индијците не им мислат добро на своите деца?

Во крајна линија образување на компјутерски инжињери на системи чиј код не е достапен може да се спореди со образување автомеханичари на автомобили чија хауба не смее да се отвара. Како може да се научи нешто, ако не се види што се крие под убавиот-за-око дизајн? Дали Microsoft ќе го даде својот код и ќе дозволи македонските средношколци и студенти да си играат со него, да учат и да видат што-како работи?}




7. ...а ќе помогне 20 локални фирми за развој на сопствени софтверски решенија и поволно легализирање на софтверот кај сите деловни субјекти во земјава.



{Конечно за „помагањето и поволното легализирање“. Наивно е да се верува и/или мисли дека Microsoft следи некоја друга логика освен профитната. Тоа е впрочем сосем нормално за приватна корпорација. Така, какви и да бидат поволностите за некои субјекти во некои делови од економијата или владата, некој конечно ќе мора да ја плати полната цена на чинење. Microsoft сигурно не планира во Македонија да работи со загуби. Зар Македонија за време на преговорите ќе успее да го притисне Microsoft и со тоа да го добие она што го сака, кога Microsoft успеал да го истера своето во многу поголеми и помоќни земји од нашата?}




8. Таа {Радмила Шеќеринска} рече дека писмото за намери не значи и постигнат договор, ниту пак договорот ќе значи создавање монопол кој ќе ги исклучи другите компании или софтверски гранки.



{Добро е да се знае дека Microsoft е монопол. Тој е корпорација која е под постојан надзор на Department of Justice на Соединетите Американски Држави. Кон ова може да се додадат и можните анти-монополски казни со кои се соочува Microsoft во ЕУ, а кои можат да достигнат и до $3.2 милијарди долари.

На 24 март 2004 година, Европската Комисија го казни Microsoft за злоупотреба на својата монополска позиција. Одлуката на Европската Комисија можете да ја прочитате тука}




9. Во основа, според неа, договорот ќе овозможи легализација на сегашните пиратски копии што се користат во државава...



{Од ова може да се заклучи дека договорот кој Владата ќе го потпише со Microsoft ќе мора значи плаќање лиценци за оперативните системи како Windows 98 или WindowsNT, (инаку тоа се оперативни системи кои наскоро нема повеќе да бидат поддржувани од нивниот прозводител), бидејќи сигурно владините институции располагаат и со постари компјутери на кои не може да се користи најновиот WindowsXP. Прашањето е дали Microsoft ќе се зафати со локализација и на овие оперативни системи, или пак тие компјутери ќе останат да работат со софтвер на англиски јазик? Секако Владата може да одлучи и да го замени стариот хардвер со нов, со цел на сите компјутери да користи преведен Микрософтов софтвер, доколку Microsoft одлучи да не ги локализира старите оперативни системи. Дали Владата пресметала на колку од своите според Microsoft 8.000 компјутери може да користи најнов Микросфтов софтвер? Дали пресметала колку пари од буџетот ќе треба да се одделат за да се набави нов хадрвер за да може да се користи најновиот софтвер од Microsoft, на чија локализација ќе мора да се чека? Дали владата знае колку од нејзините компјутери се brand-name компјутери, значи компјутери кои веќе доаѓаат со лиценциран софтвер? Сигурно владата не склопувала сама компјутери; најверојатно нивното најчесто потекло се IBM, HP, Compaq. Ќе ги објави ли владата тие податоци?

Конечно, дали владата има намера да плаќа лиценци само за оперативните системи или и за канцелариските пакети? Дали Владата го тестираше OpenOffice.org на македонски јазик и одлучи дека тој слободен софтвер не одговара на нејзините потреби?}




10. ...како и натамошно приближување кон ЕУ, што е невозможно доколку не се почитуваат авторските и индустриските права, на што сме обврзани и со членството во СТО.



{Интересно е да се знае дека ЕУ минатиов месец имаше отворено тендер со име: "Encouraging good practice in the use of open source software in public administrations".

Понатаму, слободниот софтвер на никој начин не ги прекршува авторските или индустриските права. Тој е комплетно решение кое наидува на поддршка од ЕУ.}




Има ли Владата вистински аргументи против користењето на други софтверски решенија во државната администрација? Го прашуваме ова од проста причина што во текстот во Утрински весник од 2 октомври 2003 година се пренесуваат следниве аргументи, искажани од вицепремиерката Радмила Шеќеринска, против другите софтверски решенија:

11. Според неа, во овој момент би бил вистински луксуз да се прифати „линукс“, бидејќи Македонија најмногу користат „мајкрософтов“ оперативен систем и апликативни програми кои почиваат на таа платформа, така што дури и да се прифати некој друг систем, ќе бидат потребни неколку месеци за да се обучат вработените во администрацијата да работат со него, што практично би ја блокирало државата.



{Не постои луксуз кога треба да се направи вистинскиот избор. Изборот на слободен софтвер е условен и со Уставот на Ребублика Македонија, во кој е загарантирано правото на слобода на информацијата, слобода која е практично невозможно да се оствари користејќи неслободен софтвер.

Oд Уставот на Република Македонија:
Член 16 став 3
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.


Што се однесува до евентуалното префрлување на „линукс“ како слободен оперативен систем, згодно би било да се истакне истражувањето на Relevantive AG консултантската фирма од Германија, спроведено оваа година, каде заклучокот е дека GNU/Linux е исто толку лесен за користење колку и WindowsXP. Според искуството на Слободен софтвер Македонија, новите корисници на GNU/Linux, со претходно искуство во Windows, префрлувајќи се на новата платформа, немале никакви проблеми вршејќи ги секојдневните операции на компјутер - најчестите операции (куцање текстови, обработка на податоци, сурфање на интернет и слично) кои и администрацијата ги врши во својата професионална дејност на компјутерите. Факт повеќе во корист на слободното решение е што тоа е веќе преведено на македонски, што го прави уште подостапно за вработените во администрацијата.

Дефинитвно ова е навистина незрел аргумент против користењето на други софтверски решенија. Да се каже вакво нешто за софтвер, е како да се каже дека замената на возниот парк ќе го блокира патниот сообраќај.}




12. Во Владата потенцираат дека договорот, сепак, не е ограничувачки и дека по четири години, доколку се оцени, може да се премине на друг систем, но потсетуваат дека речиси сите земји во регионот имаат ваков договор со „Мајкрософт“, а Словенија, на пример, е во фаза на потпишување на вториот по ред договор со познатата корпорација.



{Што е тоа што по четири години нема да ја блокира државата, доколку одлучи да се префрли на друг систем? Ова само ја покажува несериозноста на констатацијата на Владата кога изјавува дека префрлањето на слободен систем би ја блокирало државата. Зачудува фактот дека Владата е спремна на многу реформи, но не и за оние вистинските, оние кои ќе имаат реално влијание.

Што се однесува на влезот на Microsoft во земјите од регионот, Слободен софтвер Македонија, потсетува дека и многу земји го напуштаат Microsoft наоѓајќи излез во модерните решенија на слободниот софтвер. Овој софтвер влегува во земјите лидери во технологијата како Јапонија, Германија, но тука се и Норвешка, Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка и многу други. Зошто да ги следиме земјите од регионот, а не оние високо развиени, вистински играчи во светската економија?

И кога веќе станува збор за Словенија, добро е да се знае, дека и таа донесе политика за користење на open-source софтвер. Краткиот апстракт од нивните веб ресурси вели:
Усвоениот документ ја одредува основната политика на Владата на Словенија, кон развој, имплементација и користење на open-source софтвер. Негова примарна публика се цладините институции и тела, јавниот сектор, и конечно целокупната словенска публика (и профитна и непрофитна). Правецот опишан во документот е развој на информационо општество и пристапност до IT технологии и услуги.

Повеќе за ова може да прочитата тука и тука. }




Историја на документот:

Овој документ е креиран со слободен софтвер OpenOffice.org и Quanta.
Првата верзија на овој документ е направена на 3 октомври 2003 година.
Ревизија 0.1 од 3 октомври 2003 година: Додаден е нов текст во коментарите во точката 5.
Ревизија 0.2 од 4 октомври 2003 година: Измени во коментарите во точката 11; Додадена е точката 12.
Ревизија 0.3 од 6 октомври 2003 година: Ситни поправки на печатни грешки. Нова постојана локација на документот.
Ревизија 0.4 од 7 октомври 2003 година: Уште ситни поправки. Нов текст во коментарите 3 и 9.
Ревизија 0.5 од 12 октомври 2003 година: Уште ситни поправки.
Ревизија 0.6 од 13 октомври 2003 година: Ситни поправки на печатни грешки и поправки на HTML кодот.
Ревизија 0.7 од 26 март 2004 година: Ситни поправки во воведот на документот.
Ревизија 0.8 од 28 март 2004 година: Додадена информација за одлуката на Европската Комисија во точка 8. Додаден текст за Словенија во коментарите во точка 12.
Им благодариме на сите луѓе кои со своите коментари придонесоа во обликувањето на овој документ.

Актуелната верзија на овој документ секогаш се наоѓа на: http://www.slobodensoftver.org.mk/OktomvriskiDokumenti/?d=oktomvriski1.


Copyright (C) 2003 Слободен Софтвер Македонија. <>

Дозволено е дистрибуирање и копирање на непроменети копии на целиов документ во било кој медиум, само доколку оваа забелешка е вклучена.
За секаква друга употреба на овој документ потребна е дозвола од лицата надлежни за него.

Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободниот софтвер во Република Македонија.