http://www.slobodensoftver.org.mk За Нас
.:: Документи ::.

*Октомвриски II: GNU/Linux контра Microsoft - Македонија меѓу два огна.


*Октомвриски III: Владата се правда и лаже


*Октомвриски I: Владата на Република Македонија го одбра Microsoft и сака брзо да заврши со преговорите со софтверскиот монопол.



*Софтверска невиност Како македонија ја изгуби својата софтверска невиност. Белешки за Владата на Република Македонија и Мајкрософт, и за договорот кои тие го потпишаа.


*Писмата кои ОССМ ги праќа до Владата на РМ за обелоденување на целата постапка околу договорот со Microsoft и одговорите на Владата.


Октомвриски документи, Дел II:

„Линукс“ контра „Мајкрософт“ - Македонија меѓу два огна

10 октомври 2003 година



Добредојдовте!


Текстовите кои тука можете да ги прочитате се однесуваат на изјавите на Владата на Република Македонија и пишувањата на печатените/електронските медиуми во врска со „стратешкиот договор“ кој Владата се подготвува да го потпише со Microsoft.
(Забелешка: Договорот беше потпишан на 3 декември 2003-тата година.)



Документот е формулиран слично на Hallowen Documents на Eric S. Raymond. Значи цитатите од нашата Влада и медиуми ќе бидат со црвена боја и тие се пренесуваат со копирај/вметни, што значи не се поправа ништо, дури ни печатните грешки. Нашите коментари на тие изјави ќе бидат со {со зелена боја и во големи загради}, а цитатите во нив ќе бидат и зелени и закосени.Линковите до стории, вести, анализи итн. ќе бидат стандардно сини и подвлечени, email адреситеќе бидат <исто сини и помеѓу знаците поголемо и помало>, сиот друг текст ќе биде нормален, црн.



Овој текст се однесува на текстот објавен во неделникот Зум број 163 од 10 октомври 2003 со наслов '„Линукс“ контра „Мајкрософт“'. За жал, на веб страната на Зум сеуште го нема тој број, па не можеме да ве насочиме до електронска верзија на текстот.

Текстот ќе биде поделен на два дела: Првиот ќе се однесува на информациите кои Зум ги пренесува во своето пишување (тие коментари ги испративме и до редакцијата на Зум), а вториот ќе се однесува на изјавите на Г-динот Јани Макрадули, дадени за Зум и искористени во овој текст.

На <info_AT_slobodensoftver.org.mk> можете да ни пишете за други изјави на Владата по ова прашање, кои се појавиле во дневниот печат или електронските медиуми, а кои ние можеби сме ги пропуштиле. Одржувач на овој документ е Новица Наков <acivon_AT_mail.com.mk>. Истите информации можат да бидат испратени и до него.


Кратка содржина за полесна HTML навигација низ документов:

Дел I: Коментари кон информациите пренесени од страна на неделникот Зум

    1. Што е Linux International?;

    2. Просечната цена на GNU/Linux во Македонија;

    3. Дали GNU/Linux е комплициран за работа?;

    4. Слободниот софтвер и бесплатноста;

    5. Џон Хал и Linux International;

    6. Microsoft на Linux сервери?.

Дел II: Коментари кон изјавите на Г-динот Јани Макрадули пренесени од страна на неделникот Зум

    1. Понудата на Microsoft;

    2. Договорот и развојот на Македонија;

    3. Лиценците и цените;

    4. Монополската позиција на Microsoft;

    5. Понуда на слободен софтвер во Македонија;

    6. Ризикот и шансата за успех.


Дел I: Коментари кон информациите пренесени од страна на неделникот Зум


1. Во коцката со наслов „Што е линукс?“ се вели: „Линукс интернационал“ е еден од најголемите светски прозиводители и поборници за слободен код софтвер.



{Ова не е точно. Имено Linux International, како што пишува на нејзината веб страна е непрофитна асоцијација од групи, корпорации и други кои работат за промовирање на растот на оперативниот систем Linux и на Linux заедницата.}




2. На нашиот пазар просечната цена на софтверот „Линукс“ е околу 70 евра, а во услугата е пресметана и техничката поддршка што ќе ја добиете од својот дилер.



{Просечната цена на чинење на GNU/Linux во Македонија е цената на чинење на CD-то на кое истиот е снимен, што ќе рече некаде помеѓу 25 и 100 денари.

Моментално во Македонија има само еден претставник на некоја странска фирма која се бави со GNU/Linux. Тоа е фирмата Неоком, која е засапник на германската дистрибуција SuSE. Цените на нивните продукти се достапни на нивните веб страни.}




3. Најголема мана на софтверот на „Линукс“ е таа што (за разлика од оној на „Мајкрософт“) тој е многу покомплициран за работа за „обичните“ корисници.



{Всушност како што вели истражувањето на Relevantive AG (консултантската фирма од Германија), спроведено оваа година, GNU/Linux е исто толку лесен за користење колку и WindowsXP. Ако ви се потребни повеќе информации посетете ги долните линкови.}

Линк до резимето на англиски во PDF формат.

Линк до целосниот извештај на Relevantive AG во PDF формат.




4. Коментари кон главниот текст: Против договорот, со писмо до македонскиот народ, се огласи и „Бесното куче“ Хал, како што себе си се нарекува лидерот на „Линукс“ производител на бесплатен слободен софтвер.



{Џон Хал е претседател на Linux International. Својот надимак го има добиено од студентите додека предавал на универзитетите во САД.

Слободниот софтвер не е бесплатен, барем не автоматски. Неговата бесплатност всушност произлегува од неговата слобода. Бидејќи слободниот софтвер може слободно да се дистрибуира било кој може да дели бесплатни копии од него. Во таков случај слободниот софтверот е бесплатен. Всушност, во практитата, пазарот е тој кој ја одредува цената на слободниот софтвер.}




5. Тој {Џон Хал} пишува и за предностите на отворениот софтвер, каков што произведува неговата компанија...

...најголемата предност на оперативниот систем кој го произведува неговата компанија.



{Џон Хал не е претставник на компанија која произведува слободен софтвер/софтвер со отворен код, туку на асоцијација која го го промовира истиот. Конкретно „производител“ на Linux е Линус Торвалдс заедно со уште неколку илјадници други програмери насекаде низ светот.}




6. Своевидна потврда за ова {поголемата безбедност на GNU/Linux} е тоа што „Мајкрософт“ ги префрли своите сајтови на оперативниот систем на „Линукс“.



{Ова е само до некаде точно. Имено како што известува Netcraft, Microsoft ги сменил своите DNS (domain name сервери) така што барањата за www.microsoft.com повеќе не одат преку машините од мрежата на Microsoft, туку одат преку Akamai системот за кеширање кој работи на Linux.}




Дел II: Коментари кон изјавите на Г-динот Јани Макрадули пренесени од страна на Зум



1. Во коцката со наслов 'Што ѝ понуди „Мајкрософт“ на Владата' се вели: Макрадули твдри дека „Мајкрософт“ се понудил, веднаш по потпишувањето на договорот, во нашите државни институции да го инсталира најновиот „виндоуз 2003“ и последните верзии на другите алатки што ги произведува оваа компанија.



{Најновиот „виндоуз 2003“ е Windows Server 2003. Како што се вели на веб страната на Microsoft препорачаните процесорски брзини се помеѓу 550 и 733 MHz. Дали сите компјутери во државната администрација се со вакви процесори? Ако не, тогаш колку ќе чини набавката на нов хардвер за да се исполнат побарувањата на системот за на него да може да се извршува нормална работа?

Вториот коњ за трка на Microsoft, WindowsXP, има нешто пониски официјални побарувања. Сепак, и обичниот компјутерски корисник знае дека за озбилна работа на обата системи потребни се компјутери со процесори кои одат до 2 GHz и други соодветни хардверски компоненти. Прашањето останува: дали Владата покрај лиценци има намера да купува и нов хардвер? Ако да, тогаш колку тоа ќе го чини македонските граѓани?}




2. Коментари кон главниот текст: „Ако го склучиме, договорот ќе го поттикне развојот на Македонија“, вели претседателот на владината Комисија за информатичка технологија, Јани Макрадули.



{Господине Макрадули, со нетрпение очекуваме да ни објасните како точно овој договор ќе го поттикне развојот на Македонија. Сеуште го очекуваме Вашиот одговор.}




3. Претседателот на владината Комисија за информатика, Јани Макрадули, твдри дека „Мајкрософт“ презел обврска за фиксна цена на лиценците, попустот пак не би требало да биде помал од 50 отсто од пазарната цена.



{Пазарната цена на WindowsXP Professional, онаа по која било кој може да купи лиценца за овој систем е скоро $300 (линк до цените на amazon.com). Фиксна цена на лиценците би значело дека за време на траење на договорот цената на лиценците ќе биде непроменлива. Дури и да се земе предвид попустот од 50%, по кој за Владата лиценцата би чинела $150, ништо не гарантира дека за, на пример, две години тоа ќе биде надплаќање. Имено ако Microsoft принуден од растечката конкуренција ги симне цените на оперативниот систем на, на пример, $100, тогаш Македонија, според предложените услови, ќе плаќа $50 долари повеќе.

Во крајна линија Microsoft таквите попусти ги дава за своја сметка. Тој ќе заработи повеќе од подарените $150. Тој негов екстра профит ќе дојде од џебовите на граѓаните на Македонија.}




4. Претседателот на владината Комисија за информатика ги отфрла нападите за монополство. 'Во евентуалниот договор нема да има членови во кои на Владата ќе ѝ се забранува да користи и други софтвери освен оној на „Мајкрософт“'.



{Ова е токму една од оние Microsoft-ови замки, или подобро речено замки на неслободниот софтвер. На Microsoft не му треба член во договор за да ја ограничи или спречи употребата на други видови на софтвер. Тоа тој го прави преку софтверот кој го произведува. На пример, Microsoft во било кој момент, може да го смени .doc форматот (форматот на MSWord документите) и да го направи нечитлив за било која друга апликација освен MSWord. Затоа и не се потребни забрани. Едноставно ќе нема избор. Се разбира вакви проблеми не можат да настанат кај слободниот софтвер. Податоците треба да се чуваат во отворени формати! Слободниот софтвер го гарантира тоа.}




5. „На нашиот пазар нема ниту еден нивни {понудувач на слободен софтвер} понудувач со кого би преговарала Владата“, констатира Макрадули.



{Со задоволство го известуваме Г-динот Макрадули дека во Македонија сепак постои претставник на светска компанија која се бави со слободен софтвер. Имено, скопската компјутерска фирма Неоком е застапник на германската GNU/Linux дистрибуција SuSE.

Сепак дури и да немаше претставник на никоја дистрибуција, тоа не може да биде изговор на Владата. Впрочем ништо не ја спречува Владата, сама да ги разгледа можностите кои постојат на пазарот. Она што е уште поинтересно е фактот што за да се користи слободен софтвер не е ни потребно присуство, улога, договор или било што со било која фирма. Но нејсе, ете Македонија го има Неоком, застапникот за SuSE.}




6. Во Владата тврдат и дека не заземаат страна во глобалната битка „Мајкрософт“ - слободни софтверџии. Велат, ние во нашата заостанатост во информатиката не сме во позиција да ризикуваме.



{И повторно мизерен изговор од Владата. Нема да ризикуваме. Нема да ризикуваме за развојот на нашата земја. Нема да ризикуваме за образованието на идните генерации средношколци и студенти. Владата сака да помине полесно. Да плати и да го затвори прашањето. Да продолжиме со нашата заостанатост во информатиката. Браво!}




Историја на документот:

Овој документ е креиран со слободен софтвер OpenOffice.org и Kedit.
Првата верзија на овој документ беше направена на 12 октомври 2003 година.
Ревизија 0.1 од 13 октомври 2003 година: Ситни поправки на печатни грешки и поправки на HTML кодот.
Ревизија 0.2 од 26 март 2004 година: Ситни поправки во воведот на документот.

Актуелната верзија на овој документ секогаш се наоѓа на: http://www.slobodensoftver.org.mk/OktomvriskiDokumenti/?d=oktomvriski2.


Copyright (C) 2003 Слободен Софтвер Македонија. <>

Дозволено е дистрибуирање и копирање на непроменети копии на целиов документ во било кој медиум, само доколку оваа забелешка е вклучена.
За секаква друга употреба на овој документ потребна е дозвола од лицата надлежни за него.

Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободниот софтвер во Република Македонија.