http://www.slobodensoftver.org.mk За Нас
.:: Документи ::.

*Октомвриски II: GNU/Linux контра Microsoft - Македонија меѓу два огна.


*Октомвриски III: Владата се правда и лаже


*Октомвриски I: Владата на Република Македонија го одбра Microsoft и сака брзо да заврши со преговорите со софтверскиот монопол.



*Софтверска невиност Како македонија ја изгуби својата софтверска невиност. Белешки за Владата на Република Македонија и Мајкрософт, и за договорот кои тие го потпишаа.


*Писмата кои ОССМ ги праќа до Владата на РМ за обелоденување на целата постапка околу договорот со Microsoft и одговорите на Владата.


Октомвриски документи, Дел III:

Владата се правда и лаже

26 март 2004 година



Добредојдовте!


Текстовите кои тука можете да ги прочитате се однесуваат на изјавите на Владата на Република Македонија и пишувањата на печатените/електронските медиуми во врска со „стратешкиот договор“ кој Владата го потпиша со Microsoft.



Документот е формулиран слично на Hallowen Documents на Eric S. Raymond. Значи цитатите од нашата Влада и медиуми ќе бидат со црвена боја и тие се пренесуваат со копирај/вметни, што значи не се поправа ништо, дури ни печатните грешки. Нашите коментари на тие изјави ќе бидат со {со зелена боја и во големи загради}, а цитатите во нив ќе бидат и зелени и закосени.Линковите до стории, вести, анализи итн. ќе бидат стандардно сини и подвлечени, email адреситеќе бидат <исто сини и помеѓу знаците поголемо и помало>, сиот друг текст ќе биде нормален, црн.



Овој текст се однесува на текстот објавен во Утрински весник, со наслов 'За Владата договорот со "Мајкрософт" е законски'. Овој текст ги пренесува изјавите на г-ѓицата Радмила Шекеринска г-динот Јани Макрадули дадени по повод наодите на Антикорупциската комисија дека договорот кој Владата го потпиша со Microsoft е нетранспарентен.

Одржувач на овој документ е Новица Наков <acivon_AT_mail.com.mk>. Информации за други изјави на Владата кои се однесуваат на договорот со Microsoft можете да му испратите нему. Секако слободно можете да пишувате и на адресата на Слободен Софтвер Македонја <info_AT_slobodensoftver.org.mk>.


Кратка содржина за полесна HTML навигација низ документов:

    1. Транспарентноста на договорот;

    2. Монополот на Microsoft;

    3. Писмото на намери;

    4. Новите производи на Microsoft;

    5. Понудувачи на софтвер за потребите на Владата;

    6. Авторските права на слободниот софтвер.


1. Договорот со Мајкрософт не е склучен на нетранспарентен начин...



{Договорот е склучен на нетранспарентен начин. Пред склучувањето на договорот немаше јавно достапна анализа на потребите на Владата, нити информации за вкупниот број на компјутери со кои располага Владата. И самиот договор е нетранспарентен. Во него има членови кои забрануваат објавување на делови од договорот.}




2. ...ниту пак ѝ овозможува монополски позиции на корпорацијата на македонскиот пазар, е ставот на двајцата клучни преговарачи од македонска страна...



{Она што Владата намерно или ненамерно не успева да го сфати е фактот дека на Мајкрософт не му треба де-јуре услов за да воспостави монополска позиција на пазарот. Microsoft де-факто остварува монополска позиција на пазарот преку користењето на затворени стандарди, сложени лиценцни шеми, затворање во производи. На Microsoft не му треба член во договорот. Доказ за тоа се бројни судски процеси, во целиот свет, против Мајкрософт за не-компетитивно работење и уништување на конкуренцијата. Последен таков случај е одлуката на Европската Комисија да се казни Мајкрософт со 613 милиони долари и да се ограничи вградувањето на додатни компоненти во оперативниот систем. И после оваа одлука на ЕУ, ние треба да и веруваме на нашата Влада, дека македонскиот пазар е поспособен да го издржи Microsoft, од европскиот пазар. Тогаш зошто не ја повикаме ЕУ да ни се приклучи нам, место ние неа?}




3. Особено што пред да се склучи конечниот договор, Владата и „Мајкрософт" потпишаа Писмо за намери, кое беше достапно за јавноста и во ниту еден момент немаше вакви или слични забелешки.



{Ова не е точно. Имено соопштението до јавноста од Слободен Софтвер Македонија за и околу тогаш потенцијалниот договор на Владата со Мајкрософт, се појави на 2 Септември 2003 година. Писмото со намери се појави на 14 октомври 2003 година, проследено со шпекулации дека се појавува со закаснување, и покрај одредбата во самото писмо која вели дека нема пречки за негово објавување. Значи Слободен Софтвер Македонија одамна се обидува да го сврти вниманието како на медиумите така и на Владата на Република Македонија кон ова прашање. Но во најголема мера, сите нејзини обиди наидоа на твдри уши.}




4. „Целосно е неточно дека ќе се плаќаат новите верзии на програмските пакети, бидејќи со договорот е предвидено во наредните четири години тие да се добиваат бесплатно.“, нагласува вицепремиерката Шекеринска.



{Навистина, кој е овде неинформиран? Мајкрософт на пазарот нема да излезе со нови производи до 2007 година, и тоа е токму најреалното предвидување за појавата на најавуваниот Виндоус Лонгхорн. А договорот со Мајкрософт ќе истече кон крајот на 2007-та. Токму на време кога ќе треба да се надградат системите.}.




5. „Во Законот, вели Шекеринска, стои дека кога е во прашање производ што е достапен само од еден извор или понудувач, односно кога станува збор за авторски права, патенти или лиценци од индустриска сопственост, тогаш може да се примени и ваков вид договарање“.



{Но информатичката технологија која и е потребна на Владата, во случајов - софтвер (оперативен систем, канцелариски пакет), не е достапен само од еден извор или понудувач. Постојат многу други софтверски производи, слободни и неслободни, од разни произведувачи. Според кои критериуми Владата одлучи дека токму софтверот на Microsoft е единствениот софтвер кој ќе ги задоволи потребите на администрацијата?}




6. ... {Јани Макрадули} додава дека, кога станува збор за таканаречените слободни софтвери, таму не постојат авторски права кои се предмет на заштита.



{Слободниот Софтвер секогаш се објавува под некоја лиценца, и тие лиценци целосно се базираат на законите за авторски права. Разликата е во тоа што тие лиценци не го ограничуваат корисникот на софтверот, туку му ги даваат сите права да го користи на било каков начин.
Нѐ изненадува тоа што г-динот Макрадули покажува толку големо незнаење на темата за кој е повикан да донесува одлуки, и приота повторува маркетиншки пораки на Microsoft. Тоа дополнително ги зголемува нашите сомнежи за искреноста и способноста на г-динот Макрадули да се занимава со иднината на информатичката технологија во Македонија.}




Историја на документот:

Овој документ е креиран со слободен софтвер Kate.
Првата верзија на овој документ беше направена на 26 март 2004 година.
Ревизија 0.1 од 29 март 2004 година: Додадени се линковите кои недостасуваа.

Актуелната верзија на овој документ секогаш се наоѓа на: http://www.slobodensoftver.org.mk/OktomvriskiDokumenti/?d=oktomvriski3.


Copyright (C) 2003 Слободен Софтвер Македонија. <>

Дозволено е дистрибуирање и копирање на непроменети копии на целиов документ во било кој медиум, само доколку оваа забелешка е вклучена.
За секаква друга употреба на овој документ потребна е дозвола од лицата надлежни за него.

Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободниот софтвер во Република Македонија.