Изјавата за македонското радио која ја дадовме за нивната емисија за обуките кои Владата планира да ги спроведе ќе се емитува во сабота, 27 јануари 2007 год. во 11 часот. Фрекфенцијата е 97,3. Во целата сторија ја има текстуалната верзија на изјавата.
Ставот на Слободен софтвер Македонија во врска со обуките кои Владата на Р. Македонија сака да ги спроведе е во линија со Националната стратегија за развој на информатичкото општество која што е донесена од Владата и е изгласана во Собранието на Републиката. Таму јасно се вели дека: „потребно е да се поддржи употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен кoд како јавно добро кое е достапно за сите граѓани особено преку правото на избор на платформа во формалното и неформалното ИКТ-образование.“
Ова е добра прилика да се примени оваа препорака од стратегијата, бидејќи станува збор токму за обуки кои се неформално образование.
Сето ова има уште поголемо значење ако се знае дека употребата на слободниот софтвер е корисна за општеството во целина. Потврда за тоа се препораките од Европската унија според кои слободниот софтвер е од голема корист за земјите членки, а исто така, бројни студии укажуваат и на тоа дека употребата на слободниот софтвер за земјите во развој како нашата може да биде значаен фактор за надминување на дигиталниот јаз.
Поради сето ова сметаме дека обуки за компјутерска писменост не смее да се врзуваат исклучиво со производите на еден снабдувач на софтвер. Но, оптимисти сме дека оваа грешка ќе се поправи. Министерот Ивановски не извести дека побарал огласот и тендерот за обуките да се измени, така што нема да се спомнуваат имиња на поединечни софтверски производи, што впрочем е и одредба од Законот за јавните набавки. Се надеваме дека ова на крај ќе произведе поголем избор за сите граѓани во Македонија.