You are here

Записник од годишното собрание на Слободен софтвер Македонија и програма за 2012 година

Согласно одредбите на Статутот на Слободен софтвер Македонија, годишното собрание на здружението се одржа на 12.02.2012 год. (недела) во Хаклабот КИКА со почеток во 18 часот.

Годишното собрание го отвори претседателот на здружението, во функција на претседавач на собранието, Миша Поповиќ, со констатација дека на собранието присувствуваат, потпретседателот Игор Стаматовски, секретарот Арангел Ангов и членовите на здружението, Дамјан Георгиевски, Новица Наков, Божидар Проевски, Александар Лазаров и Владан Поповиќ. Исто така присутни беа и соработниците Јованка Гулицоска и Тамара Атанасоска.

Претседавачот на собранието констатираше дека се исполнети условите за полноважно заседавање на собранието и го замоли Арангел Ангов да го води записникот. Потоа го претстави дневниот ред, според поканата за собранието.

- Разгледување на завршеното според програма во 2011 година
- Предлози за донесување на програма за 2012 година
- Разгледување на можноста за организирање на конференција за слободен софтвер по повод 10 годишното работење на 2с.мк
- Разгледување на начините за помагање на хаклабот КИКА во 2012 година
- Прием на нови членови

Собранието заклучи дека во 2011 година организацијата успешно ги исполни поголемиот дел од програмските активности според програмата за 2011 година. Членовите на организацијата се сложија дека потребно е повеќе време да се посвети на извештајот за состојбата на локализираниот софтвер како и на ажурирање на содржините на сајтот на организацијата.

Предлог програма за 2012 :

- Имплементација на „Arduino“ во образованиеието - идејата е да се искористат човечките ресурси на 2с.мк и членовите на хаклабот КИКА за да се почне пилот проект во некоја од средните или високи образовни инситуции во Република Македонија каде што на студентите преку континуирани презентации и практични вежби ќе им се доближи концептот на „Open Hardware“ или „Слободен харвер“ преку употреба на микроконтролерите „Arduino“. За таа цел членови на организацијата ќе започнат преговори со оние образовни институции во државата кои што би биле заинтересирани за имплементирање на еден ваков проект.

- Конференција за слободен софтвер - По повод 10 годишнина на функционирањето на Слободен софтвер Македонија, организацијата ќе организира конференција за слободен софтвер во Скопје. Беше решено првиот состанок каде што би се дискутирало на оваа тема да се оддржи на 15ти фебруари 2012, во 18.00ч во хаклабот КИКА.

- НСНД Охрид и други локални НСНД настани - По успешнате настани во 2011, Слободен софтвер Македонија и во иднина ќе продолжи да ги поддржува локалните НСНД настани организирани на територијата на Република Македонија. НСНД е настан каде што се собираат технолошки ентузијасти од регионот за да разменуваат знаења, искуства и понатаму да го применат сето тоа во својата средина. Собранието одлучи овогодинешниот „НСНД Охрид“ настан да се оддржи на 9ти јуни во Охрид.

- Локални настани во Кинотека на Македонија - Како дел од настаните кои што ќе бидат организирани во текот на годината да се одбележи 10 годишното постоење на Слободен софтвер Македонија, организацијата ќе организира и прикажување на филмови поврзани со слободен софтвер и слободна култура во текот на месец мај.

- Соработка со Факултетот ФИНКИ за повремени презентации за слободен софтвер настудентите од факултетот - По успешната соработка со универзитетот ФИНКИ во 2011 година, Слободен софтвер Македонија има намера да ја продолжи и продлабочи соработката со факултетот преку оддржување на презентации и предавања за слободниот софтвер, се со цел да се подигне нивото на свест за слободниот софтвер како и да им се доближат практичните придобивки на слободниот софтвер на студентите.

- Поддршка на хаклабот КИКА - Слободен софтвер Македонија и во 2012 ќе продолжи да го поддржува работењето на хаклабот КИКА како единствен отворен простор во Република Македонија во кој што младите технолошки ентузијасти можат да се вклучат во изработката на софтверски и хардверски проекти и како резултат на тоа да стекнат практично искуство кое што ќе им користи во понатамошниот дел од животот, посебно при вработувањето.

- Вклучување во иницијативата за „Open Data“ во Македонија - Слободен софтвер Македонија ќе ги поддржи сите активности на владиниот и невладиниот сектор во Република Македонија за започнување на проекти поврзани со „Open Data“ или „Отворени податоци“. Организацијата, со сите своите ресурси е спремна да учествува во активностите кои што би го подобриле животот на граѓаните.

Програмата за 2012 година беше едногласно усвоена од сите членови на собранието.

Разно

Собранието одлучи и понатаму да го поддржува функционирањето на хаклабот КИКА, конкретно преку средствата добиени од соработка на проектот „Програма за децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија“. Сите парични средства добиени како резултат на успешната соработка ќе бидат искористени за оперативните трошоци на хаклабот КИКА.

Собранието едногласно одлучи за нови членови на Слободен софтвер Македонија да ги прими Јована Гулицоска и Тамара Атанасоска, поради нивниот придонес во глобалната и локална заедница за слободен софтвер.

Во 21:00 часот претседавачот го затвори собранието поради исцрпување на сите точки од дневниот ред.
Хаклаб КИКА
Скопје 12.02.2011 г.

Записничар на собранието
Арангел Ангов

Претседавач на собранието
Миша Поповиќ

ПрилогГолемина
PDF icon zapisnik_sobranie_12.02.2012.pdf47.79 KB