Инсталационен Фестивал 2006
+ работилници, презентации, снимање

15 и 16 Април 2006, Народна Техника

Вовед

По двата успешни Инсталациони фестивали 2004 и 2005 година Слободен Софтвер Македонија веќе традиционално организира пролетен инсталационен фестивал на кој ќе можете, со помош на поискусни корисници, да инсталирате ГНУ/Линукс на вашиот компјутер.

Во попладневните часови ќе има работилници за развој на веб апликации со употреба на слободни веб платформи, локализација на слободен софтвер и запознавање со работата на македонскиот тим на википедија, најпознатата слободна енциклопедија.

Во вечерните часови се планирани панел дискусии на тема слободниот софтвер и софтверските патенти, авторските права и интелектуалната сопственост и импликациите за секој граѓанин во информациското општество.

Настанот претставува промовирање на слободниот софтвер и градење на заедница на корисници и поддржувачи. Погледнете го распоредот на активности.

Настанот ќе се одржи викендот (15.04 и 16.04) во просториите на Народна Техника во Скопје од 11 до 21 часот.

Сакаме да им дадеме на компјутерските корисници во Македонија шанса да го испробаат ГНУ/Линукс бидејќи тој е одличен оперативен систем. Сакаме ваквиот собир да биде еден вид промоција и презентација која ќе ги избрка предрасудите што луѓето ги имаат за ГНУ/Линукс. Сакаме да придонесеме во користењето на легален софтвер. Сакаме да придонесеме во користењето на квалитетен софтвер.

Инстал & Burn фестивал

Инсталфест e собир за инсталирање софтвер. На овој Инсталфест, ќе Ви помогнеме да инсталирате ГНУ/Линукс на вашиот компјутер. Ако пак не сте заинтересирани да инсталирате ГНУ/Линукс, можете да дојдете и само да се информирате. Или можете да донесете систем со веќе инсталиран ГНУ/Линукс кој ви прави проблеми – ние ќе ви помогнеме да го средите.

Burn Fest е помалото братче на Инсталфестот. Ако сакате сами да си го средите компјутерот, тогаш можете да дојдете со празни дискови и да ги снимите најновите ГНУ/Линукс дистрибуции. Видете ја листата на дистрибуции кои ги имаме.

Што да донесам?

Прочитајте го целиот ЧПП документ пред да дојдете.

Најавете се

Ве молиме напишете писмо на ако имате намера да дојдете на Инсталациониот фестивал. Ова не е задолжително – сакаме само да знаеме отприлика колку луѓе ќе дојдат.
Слободен софтвер Македонија, 2006.