Инсталационен Фестивал 2006
+ работилници, презентации, снимање

Содржина


Што е Инсталфест?

Инсталфест е собир за инсталирање софтвер. На овој Инсталфест, ќе Ви помогнеме да инсталирате ГНУ/Линукс на вашиот компјутер. Ако пак не сте заинтересирани да инсталирате ГНУ/Линукс, можете да дојдете и само да се информирате. Или можете да донесете систем со веќе инсталиран ГНУ/Линукс кој ви прави проблеми – ние ќе Ви помогнеме да го средите.


Што е Burn Fest?

Burn Fest е помалото братче на Инсталфестот. Ако сакате сами да си го средите компјутерот, тогаш можете да дојдете со празни дискови и слободно да ги снимите најновите ГНУ/Линукс дистрибуции.


Што е ГНУ/Линукс?

ГНУ/Линукс е оперативен систем. Тој е брз, стабилен, безбеден и полн со можности. ГНУ/Линукс доаѓа со огромен број на апликации кој можете да ги користите во вашата секојдневна работа.

Најважната работа за ГНУ/Линукс е тоа што тој е слободен софтвер. Ова значи дека можете да го користите за било каква намена. Можете бесплатно да правите копии од софтверот и да им ги дадете на пријателите. Можете да го погледнете изворниот код на софтверот за да видите како тој работи или пак за да поправите некои грешки. Тоа се слободите кои доаѓаат со слободниот софтвер.

Повеќе на www.slobodensoftver.org.mk/whitepaper


Колку чини инсталирањето на ГНУ/Линукс?

Присуството на настанот, како и целиот софтвер, е бесплатно.


Која е вашата мотивација за организирање на ваков настан?

Сакаме да им дадеме на компјутерските корисници во Македонија шанса да го испробаат ГНУ/Линукс бидејќи тој е одличен оперативен систем. Сакаме ваквиот собир да биде еден вид промоција и презентација која ќе ги избрка предрасудите што луѓето ги имаат за ГНУ/Линукс. Сакаме да придонесеме во користењето на легален софтвер. Сакаме да придонесеме во користењето на квалитетен софтвер.


Кои сте вие?

Ние сме Слободен Софтвер Македонија, невладина организација формирана од луѓе кои секојдневно користат слободен софтвер во својата домашна и професионална работа. Како организација работиме на промовирање и дистрибуирање на слободниот софтвер во Република Македонија.


Може ли да инсталирам ГНУ/Линукс и да си го задржам Виндоусот?

Да, тоа се прави многу лесно. Изборот за кој систем да го користите ќе Ви се прикажува при секое пуштање на компјутерот. Двата оперативни системи можат да живеат на еден хард диск.


Дали ќе ми се расипе компјутерот?

Кога станува збор за софтвер, секогаш постои можност нешто да се расипе. Тоа е ризик со кој ќе треба да се соочите. Но, имаме прилично големо искуство со инсталирање на ГНУ/Линукс и ниту еднаш не се случилa поголема катастрофа. Ќе се потрудиме тоа да остане така и овој пат.


А може ли после тоа да го избришам линуксот ако не ми се свиѓа?

Може. Ќе Ви дадеме точни инструкции како да го вратите вашиот компјутер во првобитната состојба.


Каде и кога ќе биде овој настан?

Настанот ќе се одржи на 15 април 2006(сабота) и 16 април 2006(недела) во просториите на Народна Техника - Скопје. Ќе започнеме во 11 часот и ќе работиме до 20 часот.


Дали ГНУ/Линукс ќе работи на мојот компјутер?

ГНУ/Линукс работи со разни видови на хардвер. Но има и некои на кои не работи. Ако знаете како, можете да проверите со каков хардвер располагате. Ако не знаете, едноставно донесете го компјутерот или пишете ни мејл.


Океј, заинтересиран(а) сум. Каде да се пријавам?

Ве молиме напишете писмо на ако имате намера да дојдете. Ова не е задолжително – сакаме само да знаеме отприлика колку луѓе ќе дојдат. Се разбира можете да ни пратите и информации за вашиот компјутер за да можеме однапред да Ви кажеме некои корисни совети. На пример информации за модемот кој го имате можат да бидат корисни бидејќи драјверите за модемите можат да бидат проблем. Исто така можете да ни пишете ако сакате да инсталирате некоја одредена ГНУ/Линукс дистрибуција. Така ќе можеме да утврдиме колку луѓе сакаат една или друга дистрибуција и соодветно да се спремиме.


Што треба да направам пред да дојдам на Инсталфестот?

НАЈБИТНО е да направите резерва на важните датотеки: Правењето резерва од важните датотеки на вашиот компјутер е превентивна мерка. Значи од сѐ што е важно направете back-up. Ставете ги тие документи на друг хард диск или спржете ги на CD. Ако Ви треба помош за ова, слободно пишете ни.

Направете простор на дискот: Препорачливото празно место на дискот е околу 5 гигабајти. Се разбира ГНУ/Линукс може да се пикне и на помал простор. Ако не знаете како да го направите ова, тогаш истото ќе го направиме на фестивалот.

Дефрагментирајте: Ако знаете како да направите посебна празна партиција на вашиот диск која ќе се користи за ГНУ/Линукс – направете го тоа. Ако не знаете, тогаш пред да дојдете, последното нешто што треба да го направите пред го ставите компјутерот во кола е да го дефрагментирате дискот. Ако не знаете и ова да го направите сами, тогаш дефрагментирањето може да се прави на фестивалот – но имајте на ум дека тоа ќе одземе време и ќе ја одоговлечи целата процедура. Први во редот за инсталацијата ќе бидат компјутерите кои дошле дефрагменитирани.

За да дефрагментирате во Windows, исклучете ги СИТЕ програми. ICQ, анти вируси, сѐ што има во трејот. Буквално сѐ. Потоа кликнете на Start, одете во Programs, па Accessories, па System Tools, па кликнете на Disk Defragmenter. Кликнете "OK", и потоа кога ќе биде побарано, кликнете "Start" во прозорецот кој ќе се појави.


Што да донесам со себе?

Во принцип можете да поминете и само со куќиштето, но доколку го донесете целиот систем тогаш ќе можете се да средите одеднаш и нема да мора да се соочувате со неочекувани проблеми дома ниту да чекате слободен монитор,глушец или тастатура.

Сите книгички кои ги имате за хардверот: книгичката за мониторот е задолжителна.

Список на хардверот со кој располагате.

Празни дискови од 700 MB – ако сакате да земете копија од инсталираната дистрибуција дома.


Како ќе инсталирате ГНУ/Линукс на мојот систем?

Ќе се инсталира ГНУ/Линукс преку CDROM. Ќе Ви помагаме сами да инсталирате или ќе инсталираме место вас – по ваша желба.


Што да правам откако ќе се вратам дома?

Вклучете го компјутерот и истражувајте. Ако имате прашања после инсталацијата – т.е. кога ќе стигнете дома, најдобро место за барање одговор секако е интернет. За почеток претплатете се на [ossm-members] листата и почнете да ја следите дискусионата група mk.comp.os.linux на серверот news.mt.net.mk.


Можам ли некако да ѝ помогнам на Слободен Софтвер Македонија?

Најдобар начин да ѝ помогнете на Слободен Софтвер Македонија е да се вклучите во проектите кои таа ги работи или да предложите и организирате нов проект. Секако финансиската помош секогаш е добредојдена.


Други прашања?

Дојдете и прашајте!

Слободен софтвер Македонија, 2006.