Рекапитулар

Викендот на 23 и 24 Април Слободен софтвер Македонија организираше Инсталационен и Burn фестивал и двата дена на Електротехничкиот факултет.

Исходот беше: 10 успешно инсталирани и конфигурирани машини и над 150 снимени дискови со ГНУ/Линукс дистрибуции и друг слободен софтвер.

Од понудените дистрибуции убедливо најголем интерес посетителите имаа за Мандрива 2005 и Кнопикс 3.8 (и двете во најголем дел преведени на македонски). На сите инсталирани компјутери беше инсталирана Мандрива 2005.

Сè на сè настанот беше успешен во целта да се приближат предностите на слободниот софтвер и оперативниот систем ГНУ/Линукс до сите заинтересирани корисници во Република Македонија.

За да осетите дел од атмосферата може да погледнете неколку фотографии од настанот.



Вовед

По успешниот Инсталфест минатиот мај Слободен Софтвер Македонија повторно организира инсталационен фестивал на кој ќе можете, со помош на поискусни корисници, да инсталирате ГНУ/Линукс на вашиот компјутер. Овој викенд (23.04 и 24.04) на Електротехничкиот факултет во Скопје од 11 до 20 часот.

Сакаме да им дадеме на компјутерските корисници во Македонија шанса да го испробаат ГНУ/Линукс бидејќи тој е одличен оперативен систем. Сакаме ваквиот собир да биде еден вид промоција и презентација која ќе ги избрка предрасудите што луѓето ги имаат за ГНУ/Линукс. Сакаме да придонесеме во користењето на легален софтвер. Сакаме да придонесеме во користењето на квалитетен софтвер.

Инстал & Burn фестивал

Инсталфест e собир за инсталирање софтвер. На овој Инсталфест, ќе Ви помогнеме да инсталирате ГНУ/Линукс на вашиот компјутер. Ако пак не сте заинтересирани да инсталирате ГНУ/Линукс, можете да дојдете и само да се информирате. Или можете да донесете систем со веќе инсталиран ГНУ/Линукс кој ви прави проблеми – ние ќе ви помогнеме да го средите.

Burn Fest е помалото братче на Инсталфестот. Ако сакате сами да си го средите компјутерот, тогаш можете да дојдете со празни дискови и да ги снимите најновите ГНУ/Линукс дистрибуции. Видете ја листата на дистрибуции кои ги имаме.

Што да донесам?

Прочитајте го целиот ЧПП документ пред да дојдете.

Најавете се

Ве молиме напишете писмо на ако имате намера да дојдете. Ова не е задолжително – сакаме само да знаеме отприлика колку луѓе ќе дојдат.