You are here

Коментар за ревидираниот текст на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета

Вчера (18.10.2012) Собранието на Република Македонија го комплетираше второто читање на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Како резултат на реакциите од јавноста, меѓу кои и таа на Слободен софтвер Македонија, Членот 11 од предлог-законот претрпе промени.

Мислиме дека во однос на нашето писмо до Собранието на Р. Македонија, дополнувањата во член 11 и член 23 делумно одговараат на нашите забелешки.

Меѓутоа, дополнетиот предлог-закон не го адресира клучното прашање за отстранување на некоја информација објавена на интернет без судска постапка. Имено, во Член 11 сѐ уште стои дека барање за отстранување може да поднесе оштетеното лице. Дали некое лице е оштетено би требало да може да одлучи само судот.

Сметаме дека уредување на ограничување на пристап до информации и слобода на изразување треба да се регулира крајно внимателно. Дупката која е оставена во член 11 остава простор за „приватизација“ на регулирањето во која страна во спорот, а не судската власт, може да одлучи и сериозно да влијае врз ограничување на циркулирање на информации или слобода на говор.

Според Слободен софтвер Македонија, од Член 11 треба да се отстрани делот дека барање за отстранување на содржина поднесува „оштетено лице“ бидејќи барање за изречување времена мерка се уредува во член 23.

Дополнително, во интерес на јавното информирање, а со цел почитување на Член 16 од Уставот на Република Македонија, потребно е да се одредат рокови колку време некоја содржина треба да биде отстранета и колку време може да трае такво судење. Во спротивно, постои опасност интересот за јавно информирање да биде загрозен од долготрајност на судски процес.