You are here

Реакција по повод Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета

Денес 2с.мк достави писма до 123-те пратеници на Собранието на Република Македонија како реакција по повод предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Во тоа писмо организацијата им порача на народните претставници дека законскиот предлог, особено член 11 од предлогот може да има далекусежни негативни последици по слободата на говор на Интернет.

Истовремено, писмото беше и директно упатено и до Законодавно-правната комисија при Собранието како тело одговорно за разгледување на овој закон.

Во прилог е и текстот од писмото. Ве охрабруваме, и од свое име како граѓани, да го искористите писмово во своја реакција кон вашите претставници. Доколку навистина имате време, посетете ги и во канцелариите за пристап до пратениците.

Урнек текст:

Почитувани,

Со зголемен интерес и внимание го следиме донесувањето на новиот Предлог-закон за граѓанска одговорност за навреда и клевата.
Иако тој е со „европско знаменце“, сметаме дека не треба да се донесе избрзано и невнимателно решение.
Конкретно Ви пишуваме за Членот 11 од овој Предлог-закон. Во него се предвидува цитираме:
Одговорност на провајдерот на интернет-услуги

Член 11

(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.

(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:

1) докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и

2) докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.
Овој член ги обврзува интернет провјатерите и објавувачите на содржини на интернет да цензурираат содржини објавени од нивните корисници по барање на „оштетеното лице“, а не по судски налог врз основа на докажан и осуден прекршок. Сметаме дека Ова ефективно создава простор за цензура на интернет.

Бараме како наши избраници да не дозволите да се донесе закон кој ќе овозможи да се регулира говорот на интернет надвор од судски процес. Ако вакви законски решенија се носеа во демократските држави, интернет сајтовите како Youtube и Facebook немаше да постојат.
Апелираме до Вас да ја заштите Републиката и слободата на изразувањето гарантирана во Член 16 од Уставот.

Со почит,