GNU/Linux Install Fest 2010
20ти ноември @ Хаклаб КИКА

Содржина


Што е инсталфест?

Инсталфест е собир за инсталирање софтвер. На овој Инсталфест, ќе Ви помогнеме да инсталирате GNU/Linux на вашиот компјутер. Ако пак не сте заинтересирани да инсталирате GNU/Linux, можете да дојдете и само да се информирате. Или можете да донесете систем со веќе инсталиран GNU/Linux кој ви прави проблеми – ние ќе Ви помогнеме да го средите.


Што е Burn Fest?

Ако сакате сами да си го средите компјутерот, тогаш можете да дојдете со празни дискови или USB стик и слободно да ги снимите најновите GNU/Linux дистрибуции.


Што е GNU/Linux?

GNU/Linux е оперативен систем. Тој е брз, стабилен, безбеден и полн со можности. GNU/Linux доаѓа со огромен број на апликации кој можете да ги користите во вашата секојдневна работа.

Најважната работа за GNU/Linux е тоа што тој е слободен софтвер. Ова значи дека можете да го користите за било каква намена. Можете бесплатно да правите копии од софтверот и да им ги дадете на пријателите. Можете да го погледнете изворниот код на софтверот за да видите како тој работи или пак за да поправите некои грешки. Тоа се слободите кои доаѓаат со слободниот софтвер.

Повеќе на www.slobodensoftver.org.mk/whitepaper


Колку чини инсталирањето на GNU/Linux?

Присуството на настанот, како и целиот софтвер, е бесплатно.


Која е вашата мотивација за организирање на ваков настан?

Сакаме да им дадеме на компјутерските корисници во Македонија шанса да го испробаат GNU/Linux бидејќи тој е одличен оперативен систем. Сакаме ваквиот собир да биде еден вид промоција и презентација која ќе ги избрка предрасудите што луѓето ги имаат за GNU/Linux. Сакаме да придонесеме во користењето на легален софтвер. Сакаме да придонесеме во користењето на квалитетен софтвер.


Кои сте вие?

Ние сме Слободен Софтвер Македонија, невладина организација формирана од луѓе кои секојдневно користат слободен софтвер во својата домашна и професионална работа. Како организација работиме на промовирање и дистрибуирање на слободниот софтвер во Република Македонија.


Може ли да инсталирам GNU/Linux и да си го задржам Windows?

Да, тоа се прави многу лесно. Изборот за кој систем да го користите ќе Ви се прикажува при секое пуштање на компјутерот. Двата оперативни системи можат да живеат на еден хард диск.


Дали ќе ми се расипе компјутерот?

Кога станува збор за софтвер, секогаш постои можност нешто да се расипе. Тоа е ризик со кој ќе треба да се соочите. Но, имаме прилично големо искуство со инсталирање на GNU/Linux и ниту еднаш не се случилa поголема катастрофа. Ќе се потрудиме тоа да остане така и овој пат.


А може ли после тоа да го избришам GNU/Linux системот ако не ми се допаѓа?

Може. Ќе Ви дадеме точни инструкции како да го вратите вашиот компјутер во првобитната состојба.


Каде и кога ќе биде овој настан?

Настанот ќе се одржи на 20ти ноември 2010 во просториите на Хаклабот КИКА во Скопје. Ќе започнеме во 12 часот и ќе работиме до 20 часот.


Дали GNU/Linux ќе работи на мојот компјутер?

GNU/Linux работи со разни видови на хардвер. Но има и некои на кои не работи. Ако знаете како, можете да проверите со каков хардвер располагате. Ако не знаете, едноставно донесете го компјутерот или пишете ни порака.


Океј, заинтересиран(а) сум. Каде да се пријавам?

Ве молиме напишете писмо на ако имате намера да дојдете. Ова не е задолжително – сакаме само да знаеме отприлика колку луѓе ќе дојдат. Се разбира можете да ни пратите и информации за вашиот компјутер за да можеме однапред да Ви кажеме некои корисни совети. Исто така можете да ни пишете ако сакате да инсталирате некоја одредена GNU/Linux дистрибуција. Така ќе можеме да утврдиме колку луѓе сакаат една или друга дистрибуција и соодветно да се спремиме.


Што треба да направам пред да дојдам на инсталфестот?

НАЈБИТНО е да направите резерва на важните датотеки: Правењето резерва од важните датотеки на Вашиот компјутер е превентивна мерка. Значи од сѐ што е важно направете back-up. Ставете ги тие документи на друг хард диск или спржете ги на CD. Ако Ви треба помош за ова, слободно пишете ни.

Направете простор на дискот: Препорачливото празно место на дискот е околу 5 гигабајти. Се разбира GNU/Linux може да се пикне и на помал простор. Ако не знаете како да го направите ова, тогаш истото ќе го направиме на фестивалот.

Дефрагментирајте: Ако знаете како да направите посебна празна партиција на вашиот диск која ќе се користи за GNU/Linux – направете го тоа. Ако не знаете, тогаш пред да дојдете, последното нешто што треба да го направите пред го ставите компјутерот во кола е да го дефрагментирате дискот. Ако не знаете и ова да го направите сами, тогаш дефрагментирањето може да се прави на фестивалот – но имајте на ум дека тоа ќе одземе време и ќе ја одоговлечи целата процедура. Први во редот за инсталацијата ќе бидат компјутерите кои дошле дефрагменитирани.

За да дефрагментирате во Windows, исклучете ги СИТЕ програми. ICQ, анти вируси, сѐ што има во трејот. Буквално сѐ. Потоа кликнете на Start, одете во Programs, па Accessories, па System Tools, па кликнете на Disk Defragmenter. Кликнете "OK", и потоа кога ќе биде побарано, кликнете "Start" во прозорецот кој ќе се појави.


Што да донесам со себе?

Во принцип можете да поминете и само со куќиштето, но доколку го донесете целиот систем тогаш ќе можете се да средите одеднаш и нема да мора да се соочувате со неочекувани проблеми дома ниту да чекате слободен монитор, глушец или тастатура.

Сите книгички кои ги имате за хардверот: книгичката за мониторот е задолжителна.

Список на хардверот со кој располагате.

Празни дискови од 700 MB или USB стик (минимум 1GB) – ако сакате да земете копија од инсталираната дистрибуција дома.


Како ќе инсталирате GNU/Linux на мојот систем?

Ќе се инсталира GNU/Linux преку CD-ROM или USB стик. Ќе Ви помагаме сами да инсталирате или ќе инсталираме место вас – по Ваша желба.


Што да правам откако ќе се вратам дома?

Вклучете го компјутерот и истражувајте. Ако имате прашања после инсталацијата – т.е. кога ќе стигнете дома, најдобро место за барање одговор секако е интернет. За почеток претплатете се на [2s.mk-friends] листата и почнете да ја следите дискусионата група mk.comp.os.linux на серверот news.mt.net.mk.


Можам ли некако да ѝ помогнам на Слободен Софтвер Македонија?

Најдобар начин да ѝ помогнете на Слободен Софтвер Македонија е да се вклучите во проектите кои таа ги работи или да предложите и организирате нов проект. Секако финансиската помош секогаш е добредојдена.


Други прашања?

Дојдете и прашајте!

Слободен софтвер Македонија, 2010.