You are here

Записник од Годишното собрание на Слободен софтвер Македонија

Согласно одредбите на Статутот на Слободен софтвер Македонија, годишното собрание на здружението се одржа на 13.02.2011 год. (недела) во Хаклабот КИКА со почеток во 17 часот.

Годишното собрание го отвори претседателот на здружението, во функција на претседавач на собранието, Миша Поповиќ, со констатација дека на собранието присувствуваат, потпретседателот Игор Стаматовски и членовите на здружението, Јован Наумовски, Арангел Ангов, Дамјан Георгиевски, Новица Наков, Божидар Проески. Исто така присутни беа и соработниците Александар Лазаров, Сашо Андријески и Владан Поповиќ. Поради приватни обврски не беа присутни членовите Александар Балаловски, Виктор Стојановски и Георги Станојевски.

Претседавачот на собранието констатираше дека се исполнети условите за полноважно заседавање на собранието и го замоли Новица Наков да го води записникот. Потоа го претстави дневниот ред, според поканата за собранието:

1. Годишен извештај за 2010 година;
2. Прогласување на почесни членови;
3. Прием на нови членови;
4. Избор на претседател, потпретседател и секретар на здружението;
5. Донесување на насоките за редовни состаноци на здружението;
6. Разно.

Потоа собранието започна со работа.

Присутните членови едногласно го усвоија годишниот извештај подготвен од претседателот, и согласно досегашната пракса Собранието го задолжи претседателот извештајот да го објави на Интернет на веб страницата на здружението.

По ова, собранието премина на следната точка. Беше наведено дека Илин Татабитовски и Јован Наумовски на свое барање поради своите големи работни обврски сакаат да преминат во категоријата почесни членови на здружението. Присутните членови едногласно го прифатија предлогот истовремено заблагодарувајќи им се на двајцата членови за нивната досегашна работа.

Следната точка на дневниот ред беше приемот на нови членови. Игор Стаматовски ги посочи Сашо Андријески и Александар Лазаров како двајца соработници на здружението кои покажале голем интерес и направиле значаен придонес во работењето на здружението и пошироката заедница во изминатиот временски период и предложи двајцата да бидат примени во здружението како полноправни членови доколку тие истото го сакаат. Претседавачот ги замоли двајцата да ги искажат своите намери и планови во врска со членувањето во здружението. По нивното излагање кое наиде на одобрување од членовите, предлогот за прием на двајцата нови членови беше ставен на гласање и едногласно прифатен.

Претседавачот им честиташе на новоизбраните членови и им посака и понатамошна успешна работа, а потоа ја отвори следната точка од дневниот ред, односно, избор на претседател, потпретседател и секретар на здружението.

Миша Поповиќ посочи дека мандатот на досегашните избрани членови истекува и праша дали има други заинтересирани членови што сакаат да ги извршуваат овие функции. Членовите на здружението искажаа задоволство од работата на досегашните членови на извршниот орган. Новица Наков предложи сите да бидат избрани за уште еден мандат. Миша Поповиќ и Игор Стаматовски ја прифатија кандидатурата и беа едногласно избрани.

Миша Поповиќ извести дека досегашниот секретар Алекандар Балаовски претходно го известил дека повеќе не сака да биде на оваа функција. Затоа за нов секретар на организацијат Дамјан Георгиевски го предложи Арангел Ангов. Тој ја прифати кандидатурата и потоа членовите едногласно го избраа за секретар на здружението.

Членовите им го честитаа изборот на претседателот, потпретседателот и секретарот.

Како следна точка собранието едногласно ги усвои насоките за редовни состаноци на здружението предложени од Дамјан Георгиевски.
Во врска со овие насоки собранието заклучи дека веќе на следниот состанок ќе треба да се разговара за програмата за работа, за системот за слење на грешки, за новата распределба на задачи во здружението и проектите.

Потоа се премина на точката разно. Се дискутираше за тоа кој ќе биде главен канал на комуникација на организацијата. Заклучокот беше дека за таа намена најдобро ќе биде да се користи веќе постоечката поштенска листа на Слободен софтвер Македонија: http://lists.softver.org.mk/mailman/listinfo/ossm-members како и софтверот за следење на грешки во проектите: http://bugs.spodeli.org/.

Претседателот исто така го извести собранието дека во следниот период ќе ги преземе потребните активности да го пререгистрира здружението согласно новите законски одредби во Р. Македонија.

Во 20:00 часот Претседавачот го затвори собранието поради исцрпување на сите точки од дневниот ред.
Хаклаб КИКА
Скопје 13.02.2011 г.

Записничар на собранието
Новица Наков

Претседавач на собранието
Миша Поповиќ

ПрилогГолемина
PDF icon zapisnik-sobranie-13.02.pdf102.61 KB