Благодарност до Кинотека на Македонија

Слободни филмови во Кинотека на Македонија, по повод 10 години од формирањето на Слободен софтвер Македонија

Изложба на најпопуларниот експеримент лед коцка, од скопскиот хаклаб КИКА, Слободен софтвер Македонија

Период: 04-09 мај 2012 г.
Локација: Кинотека на Македонија

Кога во 2002 година ја формиравме Слободен софтвер Македонија [2с.мк], светот беше поинакво место. Македонија, исто така. Оперативниот систем GNU/Linux беше генерално непознат. Софтвер на македонски јазик речиси и да не постоеше.

Целта што ја поставивме тогаш е во најскоро можно време да направиме комплетен оперативен систем на македонски јазик што ќе може да се користи за секојдневна работа. За околу половина година, тоа и го сторивме и веќе во 2003 година оперативниот систем GNU/Linux заедно со други десктоп апликации беше локализиран и преведен на македонски јазик.

Тоа не беше професионален превод; беше направен од луѓе кои во просек имаа 20 години и кои воглавно студираа технички факултети. И покрај се, тоа беше огромен придонес за развојот на информациското општество. Можен беше единствено поради тоа што софтверот што беше предмет на работа е слободен.

Велиме дека еден софтвер е слободен кога се исполнети четири услови: да може да се користи за било која намена, да може да се чита и проучува неговиот изворен код, да може да се прават промени и на крај да може тие промени да се објават јавно. За да бидат создадени и објавени преводите на македонски ги искористивме токму овие услови.

Денес голем дел од тие преводи се вклучени во локализираната дистрибуција на GNU/Linux што се користи во сите училишта во Македонија. Нашиот младешки преведувачки ентузијазам се претвори во мала успешна приказна.

Но, тоа е само почетокот. Во изминативе 10 години 2с.мк ја прошири својата дејност и направи уште многу работи кои ја помагаат локалната компјутерска, истражувачка, програмерска и хакерска заедница.

Тука се десетици предавања на факултетите во Скопје и Битола на разни теми поврзани со авторските права, дигиталните слободи, приватноста на интернет и слободниот софтвер и неговите општествени импликации. Потоа, помагање во ширењето на идеите и иницијативите поврзани со Википедија на македонски јазик, употреба на лиценците на Creative Commons во земјава, употреба на отворените стандарди за размена на податоци, промовирање на важноста на отворените податоци.

Овие термини вака нафрлени можеби не звучат привлечно, но тоа се темите кои денес ја одредуваат дебатата за улогата на државите и владите во употребата на технологиите и интернет, правата на граѓаните за располагање со јавните податоци и инфраструктура, како и контрола над нивните сопствени, приватни податоци, и управувањето и контролата над уредите, компјутерите и телефоните со кои поминуваме сѐ повеќе време.

Голем дел од овие наши активности се одвиваат во нашата хакерска лабораторија. Скопскиот хаклаб КИКА (КИКА е информации, култура, автономија) постои веќе три години и е главно сврталиште на хакери, програмери, активисти, дигитални уметници и истражувачи. Тој е уште една успешна приказна, бидејќи опстојува од донациите кои ги прават неговите членови и од нивната неуморна работа.

Најпопуларниот експеримент од нашиот хаклаб е лед коцката која во периодот од 4 до 9 мај се наоѓа на изложба во Кинотека на Македонија.

Но, тука сме и заради филмовите. Тие не се случајно одбрани. Тие ја раскажуваат приказната за слободниот софтвер и авторските права во дигиталното доба, но и ја прославуваат слободната култура. Се надеваме дека ќе ви се допаднат, и дека можеби ќе бидат поттик да ни се придружите во работата.

Влезот на сите проекции е слободен.

Добра копија, лоша копија

Влезот е слободен.

04.05.2012 (петок), 20.00 часот

Отворање на изборот на проекции на Слободни филмови

„Добра копија, лоша копија“
(Good Copy, Bad Copy)

Документарен филм, Данска
2007 година, 59 минути, колор, ДВД

Режија и сценарио: Ралф Кристенсен, Андреас Јонсен, Хенрик Молтке (Ralf Christensen, Andreas Johnsen, Henrik Moltke).

Документарниот филм за авторски права „Добра копија, лоша копија“ ја објаснува состојбата на авторските права и културата во контекст на споделувањето на музика, филм, книги и друга уметност преку Интернет. Составен е од интервјуа со различни луѓе меѓу кои адвокати, продуценти, уметници и провајдери на услуги за споделување преку Интернет, со што се прикажуваат различните перспективи на толкување на авторските права.

Филмот „Добра копија, лоша копија“ (Good Copy, Bad Copy) е издаден под лиценцата Creative Commons Attribution-NonCommercial, што овозможува негово слободно прикажување за некомерцијални цели доколку биде наведен авторот на филмот.

Револуционерен оперативен систем

Влезот е слободен.

05.05.2012 (сабота), 20.00 часот

„Револуционерен оперативен систем“
(Revolution OS)

Документарен филм, САД
2001 година, 85 минути, колор, ДВД

Режија и сценарио: J.T.С. Мур (Ј.Т.S. Мооre);
Улоги: Линус Торвалдс (Linus Torvalds), создавачот на Linux Kernel и Ричард Сталман (Richard Stallman), oсновачот на GNU Project.

Хакери, програмери и бунтовници ОБЕДИНЕТЕ СЕ! „Револуционерен оперативен систем“ (Revolution OS) e документарен филм кој ја прикажува дваесетгодишната историја на проектот ГНУ (GNU Project), Линукс (Linux) и движењето за слободен софтвер. Во филмот се прикажани неколку интервјуа со истакнати луѓе од оваа област меѓу кои Ричард Сталман, Ерик Рејмонд и многу други.

За филмот „Револуционерен оперативен систем“ (Revolution OS) е издадена писмена согласност од режисерот за негово прикажување.

Сита пее блуз

Влезот е слободен.

06.05.2012 (недела), 20.00 часот

„Сита пее блуз“
(Sita Sings The Blues)

Анимиран филм, Франција
2008 година, 82 минути, колор, ДВД

Режијa и сценарио: Нина Пејли (Nina Paley), според древниот еп Рамајана (Ramayana) на мудрецот Валмики (Valmiki);
Улоги: Анет Ханшо, Азем Кабра, Бавана Нагулапали (Annette Hanshaw, Aseem Chhabra, Bhavana Nagulapally).

Oвој филм е анимирана верзија на епската индиска приказна за Рамајана, во изведба на џез вокалистката од 1920 години, Анет Хеншо. Филмот ја раскажува приказната за Сита и Рама, паралелно со приказната на уметницата на филмот и нејзиниот сопруг. Сита е хинду божица од Рамајана која го придружува господарот Рама во шумата 14 години. Равана, господарот на Ланка, ја грабнува Сита...

Филмот „Сита пее блуз“ е издаден под лиценцата Creative Commons Attribution-Share-alike 3.0 Unported, што овозможува негово слободно прикажување доколку биде наведен авторот на филмот.

Зрно песок

Влезот е слободен.

08.05.2012 (вторник), 20.00 часот

„Зрно песок“
(A Grain Of Sand)

Документарен филм, САД/Шпанија
2009 година, 83 минути, колор, ДВД

Режија: Џозеф Ричард Џонсон Ками (Joseph Richard Johnson Camí);
Улоги: Брендон Гримшо, сопственик на островот Мојен (Moyenne), Џејмс Мишел, претседател на Република Сејшели, Џоел Морган, министер за животна околина (Brendon Grimshaw, James Michelle, Joel Morgan).

Брендон Гримшо е државјанин на Велика Британија, кој порано бил уредник на некои од најважните весници во Африка. Но, во 1972 година се откажува од дотогашниот живот, го купува островот Мојен (Moyenne) за 10.000 фунти и оди да живее таму. Брендон и неговиот пријател Рене Лафортуне живеат на островот веќе 36 години, имаат засадено 16.000 дрва, направиле природни патеки долги околу 4,8 километри и одгледуваат 109 големи земни желки, претворајќи го островот во природна убавина која денес вреди 34 милиони евра. Гледајќи го филмот откријте зошто Брендон, сега веќе 82-годишен старец, се плаши дека островот сепак ќе биде уништен.

Филмот „Зрно песок“ (A Grain Of Sand) е издаден под лиценцата Creative-Commons-Attribution-NonCommercial-NoDerivs 3.0 Unported, што овозможува негово слободно прикажување доколку биде наведен авторот на филмот.

Неговата девојка Петко

Влезот е слободен.

09.05.2012 (среда), 20.00 часот

„Неговата девојка Петко“
(His Girl Friday)

Игран филм, САД
1940 година, 92 минути, црно-бел, ДВД

Режија: Хауард Хокс (Howard, Hawks);
Сценарио: Чарлс Ледерер (Charles Lederer), според драмата на Бен Хект (Ben Hecht);
Улоги: Кери Грант, Розалинд Расел, Ралф Белами (Cary Grant, Rosalind Russell, Ralph Bellamy).

Волтер Барнс е уредник во дневен весник. Кога неговата поранешна жена и популарна новинарка, ќе му каже дека планира повторно да се омажи, тој го користи секој трик за да му создаде неволји на нејзиниот свршеник и да ја спречи венчавката.

Филмот „Неговата девојка Петко“ (His Girl Friday) е филм кој од 1968 година е во јавен домејн, бидејќи неговите авторски права се истечени и истите не се обновени. Сега е дел од слободното културно наследство.

Поддржете го настанот со поставување на банер на Вашиот веб-сајт.


банер за Слободни филмови