You are here

Соопштение до медиумите за софтверот од ФПИОМ

Сиже: Клиентскиот софтвер за месечни пријави за придонеси за плати од ФПИОМ, кој законски задолжително мора да се користи за електронска достава на истите, ги принудува обврзниците да користат оперативен систем од еден понудувач.

Софтверот на ФПИОМ ги игнорира заложбите на Националната стратегија за информатичко општество

Прашањата за независност од софтверска платформа и достапност за сите се игнорирани при изработката на клиентскиот софтвер за МППП

(16.12.2005) Скопје, Р. Македонија - Според законските прописи кои ја регулираат пензиската реформа во Р. Македонија сите обврзници ќе мораат да доставуваат месечни пријави за придонеси за плати во електронски формат. За таа цел, обврзниците мора да користат софтверска алатка која ја снабдува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Понудениот софтвер работи само под оперативните системи Microsoft Windows. Како таков, тој ги дискриминира обврзниците кои не користат такви оперативни системи на своите персонални компјутери.

Ова е во спротивност со Националната стратегија за информатичко општество, документ кој го усвои и Собранието на Р. Македонија, каде на повеќе места се споменува „независност од софтверска платформа“ и „достапност за сите“, а кои се однесуваат на услугите кои ќе ги нудат државните институции. Во стратегијата стои заложба за промовирање на слободен софтвер, која во овој случај исто така се заобиколува.

Не треба да се заборави дека високи претставници на Владата тврдеа дека стратешкото партнерство со Microsoft нема да влијае на софтверот кој ќе се нуди за разни електронски услуги, т.е. дека граѓаните и фирмите нема да бидат принудувани да користат софтвер од одредени производители.

За повеќе информации, контактирајте ја Интернет канцеларијата на Слободен софтвер Македонија на http://slobodensoftver.org.mk и е-пошта info_НА_slobodensoftver.org.mk.

За Слободен софтвер Македонија: Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободен софтвер на територијата на Република Македонија.

Тука можете да го преземете и документот кој го испративме до Владата на Р. Македонија, Комисијата за информатичка технологија, Министерството за труд и социјална политика и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

ПрилогГолемина
PDF icon softver_od_fpiom.pdf121.42 KB