Сметајќи дека најавените обуки за компјутерска писменост за населението се во основа позитивен потег за развојот на информатичкото општество, Фондацијата Метаморфозис и НВО Слободен софтвер Македонија ја поттикнуваат Владата на РМ да овозможи право на избор за граѓаните, преку обуки за користење и на слободен софтвер.
Алтернативите од областа на слободниот софтвер, како Опен офис и Аби ворд, покрај тоа што овозможуваат вршење на истите канцелариски работи како софтверот најавен од Владата, ги нудат и следните јасни придобивки, особено во контекст на тековната економска состојба:
Употребата на слободен софтвер исто така драстично ќе ја намали цената на компјутерите кои Владата објави дека ќе ги набави во рамките на проектот „компјутер за секој ученик“. Најпознатиот проект од таков вид на светско ниво „Еден лаптоп за секое дете“, користи исклучиво слободен софтвер оти само тоа одговара и на финансиските и на хардверските побарувања.
Граѓаните на Македонија покажуваат голем интерес за користење на слободниот софтвер. Најсвеж пример за тоа е поддршката што ја дадоа преку учество во покривање на трошоците за печатење на ЦД-то „Заврши си работа“, кое е дистрибуирано во вкупно 5.000 примероци.
Дали е вашиот канцелариски софтвер легален? Според бројките објавени од Мајкрософт, се смета дека 35% од софтверот во светот е фалсификат или на друг начин нелегален.
После години на неофицијално толерирање на пиратеријата како средство за освојување на пазарот, Мајкрософт сега оди во офанзива за да се обезбеди дека копиите на неговиот софтвер се легални.
Ако имате копија на MS-Office на работа, училиште, дома - знаете ли точно од каде дошла?
За среќа, постои комплетно легална и слободна алтернатива. OpenOffice.org 2 е комплетен канцелариски пакет, сличен по функционалноста на MS-Office. OpenOffice.org 2 прави се што ви треба: обработка на текст, табеларни пресметки, презентации и многу повеќе. Може дури и да ги користи датотечните формати на MS-Office (.doc, .xls, .ppt), така што не морате да ја препишувате вашата работа. И уште повеќе, прави работи кои MS-Office не ги може, како што е креирање на pdf датотеки за комуникација со останатите.
Ако знаете да го користите MS-Office, знаете да го користите и OpenOffice.org 2. Истражувањата покажаа дека е десет пати поефтино да се префрлите на OpenOffice.org 2 отколку да го ажурирате канцеларискиот пакет на MS-Office 2007.
Една анкета покажа дека 86% од корисниците повеќе би сакале да го пробат OpenOffice.org 2 отколку да го купат MS-Office 2007.
Па тогаш што чекате? Ништо не ве чини да пробате. Ако ви се допаѓа, OpenOffice.org 2 нема да ве чини ништо да го користите колку што сакате и кога сакате. Изберете легално - изберете OpenOffice.org денеска!
Сиже: Клиентскиот софтвер за месечни пријави за придонеси за плати од ФПИОМ, кој законски задолжително мора да се користи за електронска достава на истите, ги принудува обврзниците да користат оперативен систем од еден понудувач.
Софтверот на ФПИОМ ги игнорира заложбите на Националната стратегија за информатичко општество
Прашањата за независност од софтверска платформа и достапност за сите се игнорирани при изработката на клиентскиот софтвер за МППП
(16.12.2005) Скопје, Р. Македонија - Според законските прописи кои ја регулираат пензиската реформа во Р. Македонија сите обврзници ќе мораат да доставуваат месечни пријави за придонеси за плати во електронски формат. За таа цел, обврзниците мора да користат софтверска алатка која ја снабдува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
Понудениот софтвер работи само под оперативните системи Microsoft Windows. Како таков, тој ги дискриминира обврзниците кои не користат такви оперативни системи на своите персонални компјутери.
Ова е во спротивност со Националната стратегија за информатичко општество, документ кој го усвои и Собранието на Р. Македонија, каде на повеќе места се споменува „независност од софтверска платформа“ и „достапност за сите“, а кои се однесуваат на услугите кои ќе ги нудат државните институции. Во стратегијата стои заложба за промовирање на слободен софтвер, која во овој случај исто така се заобиколува.
Не треба да се заборави дека високи претставници на Владата тврдеа дека стратешкото партнерство со Microsoft нема да влијае на софтверот кој ќе се нуди за разни електронски услуги, т.е. дека граѓаните и фирмите нема да бидат принудувани да користат софтвер од одредени производители.
За повеќе информации, контактирајте ја Интернет канцеларијата на Слободен софтвер Македонија на http://slobodensoftver.org.mk и е-пошта info_НА_slobodensoftver.org.mk.
За Слободен софтвер Македонија: Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со промовирање, развој и дистрибуција на слободен софтвер на територијата на Република Македонија.
Тука можете да го преземете и документот кој го испративме до Владата на Р. Македонија, Комисијата за информатичка технологија, Министерството за труд и социјална политика и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.