You are here

Писмо до Министерот за економија на РМ

Почитуван министер господин Ваљон Сараќини

Ви пишувам како претседател на здружението на граѓани „Слободен софтвер Македонија“, здружение посветено на промоција на слободен софтвер и слободна култура. Ова здружение, во изминатиот период ја менаџираше „КИКА“ -- културно-технолошки јавен простор сместен во просториите на ГеоИнститут Ц.О., кој поради поведување на стечајна постапка пред надлежниот суд, прејде во сопственост на Министерството за Економија. Во изминатите две години „КИКА“ беше простор каде технолошки ентузијасти, професионалци и експерти од Македонија разменуваа знаење и искуство, одржуваа работилници и предавања за најновите достигнувања во дигиталната технологија.

Бидејќи ни беше најавено дека од просторот треба да се иселиме, одлучив да Ви напишам писмо во обид да ве убедам дека во изминатиот период, просториите на ГеоИнститут ги исполнија интересни и корисни граѓански иницијативи. Овие граѓански иницијативи, без особено големи буџети креираа простор(и) во кои овозможија пристап до културни манифестации или технолошко знаење.

Имајќи го ова на ум, би ве замолил да изнајдете решение овие организации да останат во зградата или пак да добијат друг простор за да ја продолжат својата добра работа. Тоа не би бил преседан. Напротив, Вашата постапка ќе постави пример и во Македонија за соработка на државата со дел од граѓанскиот сектор кој нема големи финансиски средства, но е постојано во контакт со своите целни групи. Еден пример кој ние го знаеме е градот Пула, чија касарна во центарот на градот не е продадена, или претворена во административна зграда, туку подарена на граѓанскиот сектор. Таквата постапка била од огромно значење за локалниот граѓански сектор кој ја претворил во преубав центар за најразлични активности достапни за сите.
Јас можам да зборувам само од името на мојата организација и од името на просторот кој ние го менаџиравме. Во нашиот простор сите сервиси (програми) беа бесплатни и достапни до сите граѓани. Дозволете ми да ви објаснам што досега имаме направено, но и што планираме со „КИКА“.

Не само по урнекот на тоа што во минатото беше „народна техника“, туку и по урнекот на безброј слични иницијативи од Европа и САД, овој простор им обезбедуваше на луѓето пристап до вештини и знаење преку соработка, за автономна употреба на современите технологии. Таквата употреба има голема вредност, бидејќи технолошки ги описменува новите генерации, покажува начини за инкорпорирање на технологијата во нивните бизниси и производи, но придонесува и во научната и иновативната работа.

Во изминатиот период, нашата организација креираше неколку постојани програми за таквата размена на вештини кои веќе со години опстојуваат, а свое место најдоа во „КИКА“:

1. Прва таква програма е „Сподели знаење“: отворена работилница каде еднаш неделно се презентираат најновите технологии од полињата на експертиза на нашите членови. На овие работилници учесниците можат да научат за најновите иновативни достигнувања од областа на дигиталните технологии, а практично се изнаоѓаат начини како да се употребат во проекти од интерес на присутните учесници. Предавањата ги вршат наши членови и надворешни соработници, експерти во своите технолошки и општествени области на дејствување. Тие го донираат своето пазарно „скапо“ време, за да ги споделат своите знаења во јавноста.

2. „GNU/Linux прва помош“ е исто така неделна отворена работилница каде нашите членови им помагаат на корисници на GNU/Linux оперативните системи да ги решаваат своите проблеми. Оваа програма ја воспоставивме специфично во „КИКА“ делумно за да го адресираме интересот кој произлегуваше од владиниот проект „Компјутер за секој ученик“.

3. Во „КИКА“ секоја недела се одржува и отворена работилница посветена на учење програмски јазици каде заинтересираните учесници можат да се стекнат со напредни програмерски вештини од нашите членови експерти. Овие развојни технологии се вклучени во современите светски производи и сервиси како Google, Facebook, Android и сл.

Меѓутоа, нашата организација е дел и од една меѓународна активност наречена „НСНД“ каде технолошки ентузијасти од регионот се среќаваат неколку пати годишно на различни места за да ги презентираат проектите на кои работат, разменат искуство и иницираат заеднички проекти за соработка. Во оваа мрежа вклучени се луѓе кои доаѓаат од Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. На крајот на месец мај оваа година еден таков настан беше одржан и во Охрид. Во периодот што следи, планираме и Скопје да биде домаќин на такви собири, а „КИКА“ простор каде тие ќе се среќаваат. Дополнително на ова, во соработка со организации од овие земји, планираме да воспоставиме мрежа на вакви слични простори налик на „КИКА“ во Скопје и култниот простор „МАМА“ од Загреб.

Поради сето ова наведено, би сакал да ја повторам мојата молба до Вас да се заложите овој простор да биде даден на користење на граѓанските иницијативи кои во дел од зградата овозможија да виреат интересни проекти од културата, уметноста и технологијата.

Се надевам на заедничка средба, каде подетално можеме да ги продискутираме горенаведените барања и активности.

Однапред благодарен,

Миша Поповиќ

Вести: