You are here

Локализација

Македонска локализација на KDE

По 2-годишна пауза, проектот за македонска локализација на KDE е повторно активен. Во последниве месеци, група од неколкумина луѓе преведува разни компоненти на KDE гранката 3.1, и како резултат на тоа македонската локализација наскоро повторно ќе биде вклучена во официјалната дистрибуција на KDE 3.1. Има и нова веб страница: http://mkde.sourceforge.net, нова поштенска листа, нови пакети за локализација, упатства...

Разгледајте!

Нова верзија на македонскиот превод на OpenOffice.org

Се појави долгоочекуваната саемска верзија на OpenOffice.org. Подобрувањата на преводот се видливи на разни места, но највпечатлива е новата поздравна слика :-). Им благодариме на сите кои помогнаа во градењето на преводот.

Најновата верзија (0.4) може да се симне на вообичаеното место.

Најголем фокус при правењето на оваа верзија беше ставен на унифицирање на термините - поради гломазноста на преводот има многу места каде се користени разни преводи за ист термин, некои зборчиња сепак се провлекле - ете ми работа на мене, а и на вас за следната верзија.

Најмногу прав се дигна околу преводот на зборот „default“. Од предлозите, номинално (претходниот превод), предефинирано (првичниот превод), вообичаено, подразбирано (ака хрватскиот превод), основно, зададено... - решив да биде „стандардно“ бидејќи колку и секој да имаше свои предлози делумно сите се согласуваа со „стандардот“. ;-)

Спонзорство за промоција на OpenOffice.org на македонски

Слободен софтвер Македонија е млада организација. Сепак нејзината активност веќе вроди плод. Веќе го имаме пред нас канцеларискиот пакет OpenOffice.org преведен на македонски за време на преведувачкиот маратон, организиран од нашата организација во декември 2002.

OpenOffice.org е слободен софтвер, што значи дека може слободно и бесплатно да се дистрибуира и користи. Нашиот следен чекор е промовирање на овој софтверски производ пред македонската јавност.

За да го постигнеме ова, превземавме чекори овој канцелариски пакет да биде претставен на годинешниот Инфоком кој ќе се одржи на Скопски саем од 15 до 19 април.

Конечно, за да ја изведеме успешно оваа презентација, како и целата замисла за промовирање на OpenOffice.org на македонски, потребна ни е вашата помош. Се надеваме дека ќе ни излезете во пресрет со спонзорство за изработка на дискови со OpenOffice.org кои ќе се делат бесплатно на посетителите, како и за друг пропаганден материјал (флаери, брошури, постери).

Со тоа, логото на вашата фирма, би се појавило на пропагандниот материјал и опаковката на CD-то, во делот за благодарност до спонзорите/покровителите/пријателите на Слободен Софтвер Македонија.

Средствата може да ги уплатите на жиро-сметка 210-0570883401-10 депонент на Тутунска Банка.

Страници

Subscribe to RSS - Локализација